Почетна
Македонија

Депонијата „Буково“ и новата градба го загрозуваат воздухот во Охрид

Иницијативата „Збогум Буково“ бара конкретни рокови, финансии и појак инспекциски надзор за да се заштити јавното здравје.

·Македонија
Депонијата „Буково“ и новата градба го загрозуваат воздухот во Охрид

Загадувањето повторно алармира: граѓаните и активистите во Охрид бараат итни мерки за депонијата „Буково“ и запирање на неконтролираната изградба што го заклучува градот.

Иницијативата „Збогум Буково“ преку петиција бара конкретни чекори од Владата на РСМ и од Општина Охрид. Според последните истражувања кои ги цитираат активистите, „секое деветто дете во земјава умира од последици поврзани со загадениот воздух“, а илјадници граѓани се соочуваат со сериозни хронични заболувања.

Што точно бараат жителите

Активистите наведуваат дека туристичкиот центар, некогаш сметан за еден од најчистите градови, во последните години се најде меѓу најзагадените. Главната причина ја гледаат во активната депонија „Буково“, но и во неконтролираната бетонизација: со над 70 нови згради се создава урбан лавиринт кој го спречува природното проветрување и ги претвора одделни населби во вистински „гасни комори“.

Меѓу клучните барања се обезбедување постојан надзор на депонијата, довоз на земја и поставување заштитна мрежа за спречување пожари, јасна рамка за санација и финансирање и конечен премин кон регионална депонија. Додека се чекаат системски решенија, полицијата во брза акција лиши од слобода три лица кои биле затекнати во обид да запалат кабли кај депонијата — пракса која редовно предизвикува густ и токсичен чад и го труе населението во околината.

Жителите порачаа дека прашањето за чистиот воздух надминува политички ветувања и изговори и оти очекуваат конкретен план со прецизни временски и финансиски рамки, построг инспекциски надзор и затворање на „Буково“, бидејќи „правото на здрава животна средина е основно уставно право, а не политичко ветување“.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи