Во Охрид изложена единствената византиска мозаична икона во Македонија
Редок преносен византиски мозаик – единствен во земјата – е поставен во постојаната поставка на Галеријата на икони во Охрид.

Единствениот сочуван примерок во Македонија од преносни византиски мозаични икони — мозаичната икона „Исус Христос на престол“ — е изложена во постојаната поставка на Галеријата на икони во Охрид, во рамките на програмата за јубилејот на институцијата.
Мала димензија, сложена техника
Иконата, датирана во XIV век, има димензии 28,5 × 21 × 2,5 сантиметри и припаѓа на околу триесетина преносни византиски мозаични икони што се сочувани во светот. Површината е составена од ситни обоени камчиња, стаклени коцки и златни тесери кои пречкосуваат и рефлектираат светлина, создавајќи различни визуелни ефекти зависно од аголот на гледање.
„За разлика од живописната икона, каде што светлината се создава преку бојата, кај мозаичната икона светлината е составен дел од самиот материјал“, објаснува Катерина Велкоска, кустос и историчар на уметноста во НУ Завод и музеј – Охрид.
Велкоска укажува дека, иако мозаичната техника најчесто се поврзува со монументални црковни декорации, постоела и посложена традиција за изработка на мали, преносни мозаични икони. Нивната изработка барала исклучителна прецизност, техничко знаење и скапи материјали, поради што биле создадени во ограничен број и биле врзани со највисоките општествени слоеви и престижните црковни центри.
Иконата е откриена во 1960 година при евидентирањето на иконите во црквата „Света Богородица Перивлепта“ во јужниот параклис, во друштво со други икони. Тогаш била датирана во XIV век, но според стручните забелешки не се исклучува можноста за постаро потекло. Делото потекнува од периодот на Палеологовската ренесанса, кога византиската уметност доживува нов процут, а Охрид е значаен духовен и културен центар на Балканот.
Слични примероци се чуваат во големите светски музеи, меѓу кои Лувр во Париз, Метрополитен музејот во Њујорк, Боде музејот во Берлин и Византискиот и христијански музеј во Атина.
Горан Патчев, директор на НУ Завод и музеј – Охрид, изрази задоволство што иконата е презентирана јавности и потсети дека пренесувањето од музејското депо во постојаната поставка е дел од одбележувањето на 75 години организирана музејска дејност во Охрид.
„Ова е прекрасен повод на јубилејот на институцијата да презентираме дел од богатствата што ги имаме во нашето депо, за кои речиси и да нема место каде што би можеле да ги презентираме“, рече Патчев.
Фото: СДК.МК)


