Почетна
Македонија

Депонијата „Буково“ ќе се затвора, регионалниот систем за отпад се планира да функционира до 2030

Проектна документација за Буково е во подготовка, планирани се претоварни станици и собирен центар во Охрид, а регионалниот систем треба да работи целосно до 2030.

·Македонија
Депонијата „Буково“ ќе се затвора, регионалниот систем за отпад се планира да функционира до 2030

Завршена е постапката за избор на проектант за изработка на техничката документација за затворање на нестандардната депонија „Буково“, а паралелно се подготвува документација за претоварната станица во Мауцкер и се планира изградба на собирен центар на улицата Железничка во Охрид, соопштија од општината.

Регионален систем што треба да покрие 18 општини

Регионалниот план за управување со отпад предвидува интегриран систем за сите 18 општини од Југозападниот и Пелагонискиот плански регион, со регионален центар во Новаци, претоварни станици и општински собирни центри. Очекувањето е претоварните станици и Регионалниот центар за управување со отпад да бидат целосно функционални во 2030 година.

„Проектната документација за ‘Буково‘ ќе ни ги даде насоките како во поглед на финансиската конструкција потребна за затворање на депонијата, така и за фазите и временскиот период во кој ќе биде затворена“, вели Александар Китески, секретар на Општина Охрид. Китески додава дека се очекува проектот да биде завршен во текот на следната година.

За претоварната станица е предложена локација во областа Мауцкер, а изработката на проектната документација е во надлежност на Министерството за животна средина и Агенцијата за планирање на просторот. По завршувањето на проектот и започнувањето на постапката за одобрение за изградба, Општина Охрид ќе постапува во рамки на своите надлежности.

Веќе е определена и локација за собирен центар на улицата Железничка, кај ЈП „Нискоградба“. Земјиштето е експроприрано, а во предлог‑буџетот за следната година се предвидени средства за измена на урбанистичкиот план за да започне постапката за изградба.

Планот предвидува затворање на 16 нестандардни депонии и диви ѓубришта, подобрена селекција, собирање и транспорт на отпадот и зајакнување на капацитетите на комуналните претпријатија и институциите. Вкупната финансиска рамка е проценета на 45,5 милиони евра, од кои досега се обезбедени повеќе од 30 милиони евра. Според Емил Ангелов, раководител на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, преостанатиот финансиски јаз се движи меѓу 14 и 20 милиони евра, во зависност од обемот на активностите.

„Очекуваме и претоварните станици и регионалниот центар за управување со отпад да бидат функционални во текот на 2030 година. Она што останува е да се зајакнат капацитетите на комуналните претпријатија и нивниот начин на работење да се усогласи со барањата на новиот систем“, вели Емил Ангелов. Во процесот учествува и SALAR International, преку која се пренесуваат шведски искуства и практики за подобро и одржливо управување со отпадот.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи