Деветта жртва на западнонилска треска: 66-годишен Кумановец почина
Пациентот почина по речиси еден месец болничко лекување; инфективната клиника регистрира вкупно 70 случаи.

По речиси еден месец болничко лекување почина 66-годишен Кумановец, со што бројот на жртви од западнонилска треска во земјата се искачи на девет.
Пациентот беше на механичка вентилација и имаше претходни придружни заболувања. Тој беше еден од двајцата пациенти со најтешка клиничка слика и, иако доби интензивна нега, не успеа да се опорави.
Состојба во клиниката и изјава од директорот
„И покрај сите превзмени мерки од страна на медицинскиот персонал од одделот за интензивно лекување настапи летален исход. Пациентот беше со доста придружни заболувања и нормално тоа е еден од ризик факторите кои даваат неповолен исход“ – изјави Д-р Фадил Цана, директор на инфективната клиника.
Досега се регистрирани 70 случаи на западнонилска треска. Најмногу заразени има во Драчево — 13, во Бутел — 7, во Гази Баба — 6, а по четворица случаи има во Илинден и Аеродром. Во Јурумлери, Чаир и Студеничани по три, додека Велес, Инџиково, Центар, Сопиште, Зелениково и Кисела Вода имаат по двајца заболени.
До сега 66 пациенти побарале лекарска помош на Клиниката за инфективни болести. На клиниката се хоспитализирани 11 пациенти, од кои еден е со потешка клиничка слика и се наоѓа во одделот за интензивно лекување. Последниот прием на инфективната клиника е од 19-ти септември.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести ја вклучи Македонија меѓу петте земји на Балканот со најголем број регистрирани случаи. Изминатиот викенд во главниот град беше извршена вонредна авионска дезинсекција против комарци. Македонија уште во август прогласи епидемија на западнонилска треска.
Фото: прес-материјал од настанот


