Почетна
Македонија

Димитриеска Кочоска: мерките ги тенчат приходите, можно е нов ребаланс на буџетот

Владата ги следи реализацијата на приходите поради ненадејните мерки; решение за пренамена или ребаланс ќе следува по анализа.

·Македонија
Димитриеска Кочоска: мерките ги тенчат приходите, можно е нов ребаланс на буџетот

Владата ги следи приходите во државната каса откако ескалацијата на ситуацијата на Блискиот исток доведе до воведување ненадејни мерки за намалување на растот на цените; министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска предупреди дека е можно уште едно прекројување на буџетот или пренамена на пари.

Според министерката, овие мерки не биле предвидени при последниот ребаланс и се појавува притисок врз проектираните приходи, при што посебно се чувствува назадување кај приходите од акцизата.

"Овие ситуации не беа планирани во ребалансот на буџетот и кога го спремавме ребалансот состојбите беа помирни и не очекувавме дека може ќе оди повторно во оваа насока. Ги разгледуваме состојбите во финансии, па ќе носиме одлука дали ќе правиме само пренамена или ќе одиме со ребаланс на буџетот," изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Краткорочни мерки и следење на приходите

Владата засега не планира ново задолжување ниту дополнителни антикризни мерки против цените, но ќе се следи дали приходите ќе се собираат според планот за да се утврди потребата за дополнителни интервенции. Реализацијата на приходите, вклучително и приходите од акцизите, ќе биде еден од клучните параметри при одлуката дали ќе се направи нов ребаланс.

"Во овој момент не разговараме за ништо друго ги следиме состојбите, гледате дека за дизелот го намаливме ДДВ-то, носиме одлука за две недели ги следиме состојбите па ќе носиме одлуки врз основа на тоа," додава Димитриеска Кочоска.

Последните мерки вклучуваат намалување на ДДВ-то само за дизел и претходно намалување на акцизата за горивата. Со новата регулаторна пресметка, бензините поскапеа за 3,5 денари: 98-ца ќе чини 102,5 денари за литар, а 95-ца – 100,5 денари за литар од полноќ. Дизелот поевтинува за два денари и новата цена ќе изнесува 99 денари за литар. Паралелно се бележи раст и на цените на гасот и струјата.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи