Димитриеска‑Кочоска: Ги анализираме сите опции за вториот пензиски столб
Министерката ги повика младите да направат пресметки и рече дека ММФ ќе помага во анализите; за 2027 нема планирани промени.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска‑Кочоска на прес‑конференција во Владата на 30 октомври 2026 година изјави дека се прават анализи и се разгледуваат сите опции за иднината на вториот пензиски столб и ги повика младите осигуреници да направат сопствени пресметки дали тој столб ќе ги исполни нивните пензиски очекувања. „Еве, ќе ја искористам приликата да кажам дека мојата баба има 95 години и сè уште е жива. Ако чекаше од вториот столб ќе умреше за јадење. Такви се пресметките“, рече таа.
ММФ, меѓународни практики и нема промени за 2027
Димитриеска‑Кочоска рече дека Со помош на Меѓународниот монетарен фонд ќе се разгледаат различни модели и искуства од други држави. „Сето тоа беше објаснето. Во ММФ привлековме големо внимание, имавме средба со заменикот на претседателката на ММФ, кој рече дека дополнително ќе направат анализи на тоа што се случува во Македонија. Сега во ноември имаме мисија на ММФ и врз основа на тоа дури и рече дека ќе го искористи како студија на случај за настани што ги организираат во Шангај каде што ќе зборуваат исклучиво за пензиските фондови“, рече министерката.
Министерката посочи дека земјава од воведувањето на вториот столб во 2000 година досега не направила промени во неговиот модел и дека остварениот принос од вложени пензиски средства е околу 2 отсто, што е помалку од моменталниот раст на економијата.
Како примери за различни решенија во други држави таа наведе национализации и привремено запирање на трансфери во време на ковид‑кризата. Додаде дека се разгледуваат различни можни модели, но за 2027 година не се предвидени промени: трансферите кон вториот столб ќе продолжат согласно постојното законско решение и се обезбедени со Буџетот за 2027 година, кој предвидува раст од 3,8 отсто и инфлација од 3,2 отсто.
Во обѕир на прашањата за стабилноста на фондовите, Димитриеска‑Кочоска детално објасни како ќе се исплаќаат средствата: „Тоа е факт, затоа што вториот столб вам ќе ви ги даде само вашите пари што се заштедени. Коментарите дека ќе банкротира пензискиот фонд, мислам дека паѓаат во вода затоа што две третини од пензијата која ќе ја оствариме во иднина ќе доаѓа од државниот фонд, а една третина од вториот столб. Таа една третина ќе доаѓа толкав период колку што ние кога ќе се пензионираме ќе му кажеме на пензиското друштво, на пример во следните 5 години, по што така ќе ни ги исплаќаат средствата. Што после тие пет години, значи ние остануваме понатаму да чекаме пензија од државниот пензиски фонд. И ако мислиме дека ќе пропадне, тогаш од старт значи да очекуваме дека ние нема да може да преживееме и да се прехраниме. Затоа не смееме да размислуваме така, туку напротив дека треба да гледаме како да го стабилизираме фондот“, изјави таа.
На истата тема претходно денеска се огласи и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека Владата меѓу другото разгледува реформа со која вториот столб би станал доброволен, и граѓаните би одлучувале дали дел од придонесите да ги уплаќаат во фондот.
Фото: прес-материјал од настанот


