Почетна
Македонија

Дивокозите во Шар Планина се повлекуваат во најодалечени подрачја поради бучавата од мотоцикли и четирицикли

Теренско пребројување и камера мониторинг покажуваат здрави, но повлечени популации поради човековата бучава.

·Македонија
Дивокозите во Шар Планина се повлекуваат во најодалечени подрачја поради бучавата од мотоцикли и четирицикли

Бучавата и движењето со мотоцикли и четирицикли низ Шар Планина ги тераат дивокозите да се повлечат во најоддалечените и тешко пристапни подрачја, со предупредување дека таквото повлекување може да предизвика трајни нарушувања на биолошката разноликост. Ова следува по првото организирано теренско пребројување и проценка на популацијата на дивокозата во националниот парк.

Теренска работа и мониторинг

„Сега е период на негова репродукција. Тие се во период на парење и активно се движат, затоа и беше многу лесно да се забележат. Меѓутоа, се надеваме дека во иднина со намалување на таа бучава од човекови активности ние како обични туристи во следните посети ќе можеме да ги забележиме и преку ден и со голо око. Значи како што е во други земји, како Словенија, Бугарија, каде кога планинари одат и гледаат по пат дива коза која не се плаши од човек“, изјави Анела Ставревска-Панајотова од Одделението за заштита на природата во НП „Шар Планина“.

Одделот за заштита на природата и тимовите од Националниот парк, заедно со Македонското еколошко друштво, велат дека го следат дивиот свет и со видео камери. Снимките даваат увид како човековото однесување или придонесува, или прави штета на животната средина.

Единствената предност од повлекувањето на дивокозите во најоддалечените и тешко пристапни подрачја е што таму наоѓаат мир и услови за непречен опстанок, нагласуваат во паркот.

„Во однос на бројната состојба е во конзинстеност со она што претходно го имавме утврдено во изминатата година преку овие други методи. Значи забележавме здрави популации, подеднаква распределеност на машките-женските единки, забележавме и подмладок, забележавме здрави стада и доволно храна за нивен опстанок“, додава Ставревска-Панајотова.

Дивокозите се евидентирани во Горна и Долна Лешница, Кривошија и Џинибег, а теренското пребројување ќе продолжи и на други подрачја од националниот парк.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи