Добрила Ивановска Чабриќ, 98: ритуалот што го научи во Индија
Победничката на „Никогаш не е доцна“ вели дека го одржува духот со рутина, работа и куќата покрај Дојранското Езеро.

Легендата од емисијата „Никогаш не е доцна“, Добрила Ивановска Чабриќ, и во својата 98-ма година се наѕира како жена полна со енергија. Во искрен разговор со Лејла Рамковска, таа откри кои мали навики ѝ го одржуваат расположението и зошто не ѝ е познат поимот депресија.
Тајната што ја научи во Индија
Добрила вели дека нејзината нега е едноставна, но непоколеблива: крем навечер и обавезно малку кремче и шминка наутро. Таа го припишува овој пристап на времето поминато во Индија, каде што жените многу му даваат значај на изгледот.
„Не се негувам многу, само што си ставам крем навечер. И насабајле кога ќе станам, задолжително прво ќе си ставам кремче, па ќе се нацртам малце, да ми биде убав денот – кој ќе дојде, да не ме гледа испуштено. Тоа јас го научив во Индија, таму жените многу му даваат значај на изгледот“, раскажа таа.
Добрила се присети и на сцени што ја изненадиле: „И јас се чудев – стари жени со шминка, со кармин, обетки, фризура… И си велам: оваа жена одвај оди, а гледај целата е нашминкана. И таа ми вели: тоа кај нас е закон!“
Покрај надворешниот изглед, таа потенцира дека најголемиот адут е цврстиот дух. „Жената треба да е цвет, не е важно во кои години. Жената е китка и треба да се негува како цвеќе, постојано да зрачи убаво. Ако се испуштиш, крај – никој не те ферма ни еден процент“, порача Добрила, и посочи дека лошите мисли ги сработува со некоја активност, за да не заплови во страв од болест или смрт.
Мирот го наоѓа во својата куќа покрај Дојранското Езеро, која ја започнала да ја гради на 51 година — работела со мајсторите преку ден, а настапувала навечер. Денес плете, создава и веќе организирала три модни ревии. На почетокот од кариерата нејзината мајка се спротивставувала на тоа да стане пејачка и ја оженила побрзо, но со талент и упорност Добрила докажа дека годините се само бројка.
Фото: прес-материјал од настанот


