Доживотен затвор за Трајче Бојковски од Старо Нагоричане
Судот во Куманово го осуди 25-годишникот од Старо Нагоричане за четири убиства и два обида за убиство на претежно возрасни жени.

Основниот суд во Куманово му одреди доживотен затвор на 25-годишниот Трајче Бојковски од Старо Нагоричане за четири убиства и два обида за убиство на жени, со што заврши првостепената постапка по предметот.
Бојковски е осуден за убиствата на Станче Каровска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска. Во судската пресуда е утврдено дека кривичните дела биле извршени во периодот од јануари 2025 година до февруари 2026 година, а жртвите претежно биле возрасни и немоќни жени кои живееле сами.
Редослед на настаните
Првото убиство се случило ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во селото Клечовце, а второто било извршено во периодот меѓу 5 и 7 јуни истата година во селото Драгомаце. Во обвинението е вклучено и убиство во Старо Нагоричане во јануари 2026 година, како и убиство на повозрасна жена во Челопек во февруари 2026 година.
Во случајот се опфатени и два обида за убиство во селото Челопек. Првиот обид се случил на 22 јули 2025 година, кога жената успеала да повика помош и го спречила напаѓачот, по што тој побегнал. Вториот обид, според обвинителството, бил на 9 февруари 2026 година, кога Бојковски се откажал од намерата и го напуштил местото.
Дваесет и петгодишниот Трајче Бојковски од селото Малотино, општина Старо Нагоричане, беше уапсен на 13 февруари 2026 година како осомничен за убиство на 78-годишна жителка на село Челопек. Основното јавно обвинителство Куманово отвори истрага и соопшти дека во координирани дејствија со МВР и Институтот за судска медицина работи на поврзување на овој случај со неколку други слични настани.
На рочиштето во Основниот суд Куманово на 28 септември Бојковски призна три од четирите убиства кои му се ставаат на товар. Форензичкиот психијатар проф. д-р Стојан Бајрактаров сведочеше дека кај обвинетиот не е утврдена душевна болест, дека неговите интелектуални способности се на границата меѓу лесна ментална ретардација и нормални капацитети и дека, според вештачењето, бил пресметлив додека ги извршувал делата. Обвинителството бараше доживотна казна затвор.
Фото: прес-материјал од настанот


