ДС: Нападот на Стоилковиќ врз Филипче не е одбрана на српските интереси, туку политичко насилство од Вучиќ
Демократската партија од Србија ја оценува реакцијата како организирана политичка акција поврзана со режимот на Александар Вучиќ, а не како заштита на српските интереси.

Српската Демократска партија најостро го осуди „вулгарниот и агресивен напад“ упатен кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и порача дека тоа не е одбрана на српските интереси, туку политичко насилство поврзано со Александар Вучиќ.
Ова е втора реакција од Србија по потезот на Бојан Костреш, претседател на Лига на социјалдемократи на Војводина (ЛСВ), кој претходно го осуди навредливиот тон кон Филипче. Контроверзијата започна откако реакцијата на Регионалниот одбор Куманово на српската заедница во Северна Македонија — во која се користат термини како „политичка бљувотино“ и „духовен изроду“ — беше споделена од претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и актуелен министер за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ.
Во објавата, Стоилковиќ ги повика припадниците на српската заедница „да не паѓаат на нивото на од злото распаднатата СДСМ дружина, предводена од политичкиот дунстер Венко Филипче“ — повик што предизвика остро реагирање од Демократската партија.
Порака: нападот е нарачан и политички мотивиран
„Несомнено е дека станува збор за нарачан текст, поддржан од режимот на Александар Вучиќ. Под лажниот изговор за заштита на Србите во Северна Македонија, тој се обидува да го заштити својот сојузник Иван Стоилковиќ, а во исто време да се справи со Филипче и СДСМ“, велат од Демократската партија.
Оттаму додаваат дека Вучиќ се обидува да се претстави како заштитник и неопходен претставник на Србите во регионот во време кога блискоста со него сè повеќе се доживува како непријатност, срам и штета. „Затоа го прави единственото нешто што го знае: со пари, корупција и притисоци, присвојува одредени политичари во регионот, кои потоа во негово име и со неговиот речник шират омраза, создаваат конфликти и ја нарушуваат позицијата на српските заедници,“ се вели во партиската реакција.
Демократската партија предупредува дека користењето на името на Србите како покритие за простачки навреди, заплашувања и конфронтации со противниците на Вучиќ ја плаќаат токму Србите во регионот, а не оние кои ја водат таа политика. Партијата додаде дека целта на Вучиќ е трговска: претставувајќи се како некој што ги контролира и ги претставува Србите, тој се обидува да тргува со нивната позиција за да си купи уште време на власт.
Во меѓувреме, политичката полемика во Скопје продолжува. СДСМ постојано го критикува Стоилковиќ и го обвинува дека е дел од „српскиот свет“ и дека ги брани руските интереси во земја членка на НАТО. Лидeрот на СДСМ, Венко Филипче, минатата недела најави дека ќе поднесат интерпелација против Иван Стоилковиќ за, како што рече, насилничко однесување во парламентот и навреди упатени кон пратеници. „Очекувам голема криза од септември,“ рече Филипче и најави поголема офанзива на СДСМ во Собранието.
Фото: прес-материјал од настанот