Почетна
Македонија

ДУИ бара МОН да ги објави податоците за ученичките стипендии, Јаневска вели дека тезите за етничка пристрасност не држат

ДУИ тврди дека само 80 од 817 стипендии отишле кај ученици Албанци и бара детали и анализа; министерката Јаневска вели апликациите се анонимни и најави ревизија.

·Македонија
ДУИ бара МОН да ги објави податоците за ученичките стипендии, Јаневска вели дека тезите за етничка пристрасност не држат

Демократската унија за интеграција (ДУИ) побара Министерството за образование и наука јавно да ги објави податоците од постапката за доделување на ученичките стипендии, откако партиското младинско крило оцени дека распределбата е непропорционална.

Барања за транспарентност и ревизија

На прес‑конференција во Сарај, Рамадан Емини, претседател на Форумот на младите на ДУИ во огранокот на партијата во Сарај, рече дека од вкупно 817 доделени стипендии само 80 се доделени на ученици Албанци — што е помалку од 10 отсто. Тој наведе и дека меѓу 50‑те стипендии за талентирани ученици нема ниту еден Албанец, а "од 150 стипендии за талентирани ученици по ументост, само четири се доделени на ученици Албанци."

„Не бараме учениците Албанци да бидат прогласени за победници без да ги исполнуваат критериумите. Бараме да знаеме зошто резултатот е толку непропорционален и дали постапката била фер“, рече Емини, додавајќи дека заменик‑министертот Дритон Сулејмани, кој доаѓа од редовите на Влен, треба да даде факти и да преземе одговорност наместо само да ги објаснува одлуките на министерката.

ОД ДУИ побараа Министерството, почитувајќи ја заштитата на личните податоци, јавно да го објави вкупниот број пријавени ученици по категории; резултатите од извршената евалуација; конкретните причини поради кои кандидатите биле одбиени; и анализа дали критериумите и начинот на оценување обезбедиле еднакви можности за сите апликанти.

Одговарајќи на обвинувањата, министерката за образование и наука Весна Јаневска ја бранеше анонимноста на процесот и истакна дека стипендиите се доделуваат според претходно одредени критериуми, а не по етничка припадност. Јаневска рече: „Учениците аплицираат со шифра во Министерството. Ние доделуваме стипендии според критериуми. За да добие еден ученик стипендии, треба да ги исполни тие критериumi. Значи, ние не доделуваме стипендии по етникум. Како што не можат камерите на ‘Сејф сити’ при препознавање на ликот да го препознаат етникумот, така ни ние по шифра не препознаваме етникум.“

Јаневска додаде дека поради поднесените приговори ќе биде направена дополнителна ревизија на постапката и дека недобивањето стипендија оваа година треба да служи како поттик за учениците и студентите да ги подобрат резултатите за следната година.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи