ДУИ: од септември повторно ќе ја блокираме работата на Собранието
Партијата бара повлекување на предлог‑законот за правична застапеност и измени во законот за високо образование пред да ја укине блокадата.

Демократската унија за интеграција (ДУИ), предводник на пратеничката група на Европскиот фронт во Собранието, соопшти дека од септември ќе ги продолжи процедурните блокади на законодавниот дом додека од дневен ред не биде повлечен предлог‑законот за правична застапеност.
„Имаме сериозни забелешки на тој закон. Тој ги нема основните начела што треба да ги содржи еден закон, за тоа ние ќе настојуваме и ќе правиме сè што можеме тој закон да не помине“, изјави Имран Жупани, член на претседателството на Генералниот совет на ДУИ.
Жупани посочи дека повлекувањето на предлог‑законот за правична застапеност не е единствениот услов за деблокада на Собранието. Втората точка што ја наброја беше предлог‑законот за високо образование, при што рече дека забелешките на опозицијата на тој закон воопшто не биле земени предвид од страна на власта.
Спорот околу Бадентеровото мнозинство
Интегративците и Европскиот фронт настојуваат законот за правична застапеност да се усвои со т.н. голем Бадентер — односно мнозинство од вкупниот број пратеници кои се дел од немнозинските заедници. Партиите од власта тоа го одбија и најавија дека законот ќе се носи со мал Бадентер — мнозинство од пратениците од етничките заедници кои во моментот се присутни на седницата.
ДУИ го критикува предложеното решение бидејќи во текстот не се предвидени етнички квоти, што според партијата може да ја намали застапеноста на Албанците во јавната администрација. Интегративците дополнително укажуваат дека со предлог‑законот не е предвидено институциите при вработување или унапредување да ги идентификуваат граѓаните по етничка припадност, ниту се предвидени санкции за непочитување на одредбите.
Напишала: Тамара Грнчароска
Фото: прес-материјал од настанот