Двајца македонски државјани прогласени за „персона нон грата“ во Албанија
Антитерористичката единица на албанската полиција предложила, а Министерството за внатрешни работи потврдило – мерките се поради наводништ активности против државата.

Министерството за внатрешни работи на Албанија прогласи двајца граѓани на Северна Македонија за непожелни, посочувајќи дека постојат информации за нивни активности штетни по албанската држава.
Како што информираат властите во Тирана, одлуката е донесена по предлог на антитерористичката единица на албанската државна полиција и е потврдена од Министерството за внатрешни работи.
За кого се однесува мерката
Одлуката ги опфаќа Валон Бела и Бекир Халими, двата лица со македонско државјанство. Халими е опишан како поранешен член на ОНА, исламски теолог и вахабист; во 2008 година бил осомничен за поврзаност со терористичка ќелија на Ал Каеда.
Бела е политички аналитичар и поранешен активист. Бил економски директор на Клиниката за гинекологија, од каде бил разрешен во 2019 година поради конфликт со тогашната директорка. Политички се појави преку невладината организација „Реалитети“, а во 2010 година беше лидер на партијата Албански Сојуз, кога за регионални медиуми порача дека целта на партијата е да ја подели Македонија на три кантони — еден македонски, еден албански и еден мешан кантон. Подоцна оваа партија се спои со ДПА на Мендух Тачи, а Бела премина во ДУИ и бил вработен во Општина Чаир.
Од медиумските архиви се гледа дека Бела бил и мета на вооружен напад во Чаир во 2018 година.
Во објава на Фејсбук, тој напиша дека одлуката ја донела владата на „Еди Рамовиќ – сијамскиот близнак на Вучиќ“.
Инаку, пред неколку недели албанските власти прогласија за непожелна и косовската државјанка Икбале Худути, забранувајќи ѝ влез во земјата во период од 15 години.
Фото: прес-материјал од настанот