ДЗР: Неефикасното управување со работните спорови ја чинело државата над 64 милиони евра (2020–2025)
Ревизија: 33.219.570 евра главен долг и 31.149.460 евра камати и трошоци, раст на предметите од 9.361 на 24.556 (2021–2025)

Државниот завод за ревизија (ДЗР) во најновиот извештај заклучува дека неефикасното и несистемско постапување со работните спорови ја чинело државата над 64 милиони евра во периодот 2020–2025 година.
Ревизорите бележат континуиран раст на бројот на предмети во работа — од 9 361 предмет во 2021 година на 24 556 предмети во 2025 година. Најизразен пораст е регистриран во 2022 година (66,16% во однос на 2021), со понатамошен раст од 22,49% во 2023 година во однос на 2022, 18,75% во 2024 година во однос на 2023 и 8,52% во 2025 година во однос на 2024, што укажува на тренд на раст со постепено намалување на динамиката.
Според податоците собрани од 69 државни институции застапувани од Државното правобранителство, во тој петгодишен период се исплатени над 3,9 милијарди денари, односно околу 64,4 милиони евра. Во структурата на исплатените средства, главниот долг изнесува 33 219 570 евра, додека 31 149 460 евра се однесуваат на камати, трошоци на парнична постапка и извршни трошоци. Ревизијата утврдила и дека 95,36% од средствата се наплатени принудно преку налози за извршување, додека само 4,64% се платени доброволно.
Недостатоци во системот и слабости во превенцијата
Во извештајот се констатира отсуство на ефикасен и системски пристап за управување со работните спорови, што дозволува различни толкувања и нееднаква примена на прописите и го отежнува анализирањето на причините за поведување на споровите и иницирањето на потребни законски измени.
„Постојната законска и подзаконска регулатива не обезбедува целосно усогласен и функционален систем за управување со работните спорови. Утврдените недоречености и неусогласености создаваат различни толкувања и нееднаква примена на прописите, а не постојат ниту системски механизми за анализирање на причините за поведување на работните спорови и иницирање соодветни измени на законската рамка“, се вели во извештајот.
Ревизорите укажуваат дека во најголем дел од институциите не се следат ниту анализираат причините за покренување спорови, а алтернативните начини за мирно решавање речиси и не се користат. Државното правобранителство, велат ревизорите, најчесто постапува реактивно, наместо да има превентивна и советодавна улога.
Во извештајот се истакнуваат и кадровските ограничувања како клучен фактор. Иако со одлуки на Владата бројот на предвидени државни правобранители се зголемил од 56 во 2020 година на 72 во 2025 година, бројот на реално именувани правобранители не ги следел тие одлуки — во 2025 година се именувани 57 државни правобранители.
„Во услови на зголемен обем на работа – особено поради порастот на предмети од работен однос во 2024 и 2025 година, предмети за експропријација поврзани со инфраструктурните коридори 8 и 10, како и нови надлежности утврдени со нови закони, постојните кадровски капацитети се соочуваат со ограничувања во навремено преземање на процесните дејствија“, се додава во извештајот.
ДЗР упатува препораки за итна реформа на законодавството, зајакнување на превенцијата и воспоставување функционален аналитички систем за следење и управување со финансиските ризици од работните спорови.
Фото: прес-материјал од настанот


