ДЗС: Три цистерни со питка и техничка вода за потребите на Гостивар
Стојанче Ангелов: цистерните веќе двапати доведени до граѓаните; водата сè уште не е за пиење поради присуство на бактерии.

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) ангажираше три цистерни со питка и техничка вода за потребите на Гостивар, соопшти директорот Стојанче Ангелов.
„Едната цистерна на ТППЕ Гостивар, една на „Бехтел&Енка“ и една од Боговиње. Истите досега по двапати се упатени кон граѓаните и се планира до вечерва да бидат пратени уште по два турнуса на дотур“, кажа Ангелов.
Дистрибуцијата се врши во тесна координација со Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Гостивар, додаде тој.
Водата сè уште не е за пиење
Ангелов повтори дека нема промени со состојбата во Гостивар: водата сè уште не е за пиење, бидејќи во некои од примероците земени од Институтот за јавно здравје сè уште има бактерии.
Според него, водата и натаму е дозволена само за техничка употреба, но набргу се очекува да биде прогласена за исправна додека хиперхлорирањето продолжува.
Фото: прес-материјал од настанот