Почетна
Македонија

ЕК предлага постепена интеграција на земјите кандидати и 15-годишни заштитни механизми по пристапувањето

Предлогот вклучува пристап до делови од системот на ЕУ пред членството и 15-годишен механизам кој може да суспендира права или средства.

·Македонија
ЕК предлага постепена интеграција на земјите кандидати и 15-годишни заштитни механизми по пристапувањето

Европската комисија денеска ги презентираше предлозите за идните проширувања на Унијата, кои предвидуваат постепена интеграција на земјите кандидати пред формалното членство и воведување 15-годишен механизам што може да доведе до одземање на правото на глас или европските средства во случај на сериозни кршења.

Според предлогот, кандидатите ќе добиваат пристап до делови од системот на ЕУ — единствениот пазар, програмите и агенциите, како и енергетските, транспортните и дигиталните мрежи — додека самото пристапување ќе остане условено од напредокот и усогласувањето со стандардите на Унијата.

Практични примери и опсег

Комисијата наведува конкретни примери: Единствената зона за плаќања во евра (SEPA), во која веќе учествуваат Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија, како и проширувањето на роамингот по домашни цени за Западен Балкан, што Советот на ЕУ го одобри за преговори во јуни.

Една од клучните новини е 15-годишниот период по пристапувањето во кој новата членка може да ѝ се одземат правото на глас или средствата од буџетот доколку направи сериозни прекршувања на основните демократски вредности или на принципот на искрена соработка.

„Заштитните механизми ќе се активираат само во случај на сериозни прекршувања, т.е. дејствија спротивни на владеењето на правото, демократијата и нашите вредности. Ова ќе важи и за постојните и за новите членки. За да се приклучат на ЕУ, земјите мора да исполнат многу високи стандарди во областа на владеењето на правото. Мора да се осигураме дека по пристапувањето никогаш повеќе нема да паднат под тие стандарди. Ова го научивме од минатите искуства. Така што, станува збор за заштита на самите себе“, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Комисијата предлага и дека идните членки во одреден временски период по пристапувањето ќе се обврзат да се воздржуваат од користење вето во процесите на проширување кога се вклучени билатерални спорови, а билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување треба да се решаваат преку билатерални или меѓународни механизми. За да се забрзаат преговорите, предлогот предвидува гласање со квалификувано мнозинство за отворање и затворање преговарачки кластери и други чекори, додека едногласноста останува услов за завршување на пристапниот процес.

Покрај годишните извештаи, Комисијата на 28 октомври ќе ги објави конкретните патокази за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија — четири земји што ги идентификува како предводнички во процесот — со цел да ги утврди следните чекори, конкретните цели и индикативните временски рамки. ЕУ подготвува патокази со конкретни датуми за дел од земјите кандидати — Македонија не е во планот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи