Епископот Партениј на Света Гора по првпат по 36 години
Игуменот на Бигорскиот манастир е на Света Гора за да сослужува на споменот на свети Пантелејмон; посетата манастирот ја оцени како првото богослужбено враќање по 36 години.

Епископот Партениј, игуменот на Бигорската свештена обител, овие денови е на поклонение на Света Гора и во придружба на дел од Бигорското братство, соопштија од манастирот.
Од таму истакнуваат дека тој ќе сослужува за споменот на свети Пантелејмон. "Во нашето поклонение ни се придружи и Неговото преосвештенство, епископот Мирински г. Атинагора, викарен епископ на Православната митрополија на Мексико, Централна Америка, Карипските Острови, Венецуела и Колумбија при Вселенската патријаршија, со кого нашиот Старец ќе сослужува на споменот на свети Пантелејмон", се вели во соопштението од Бигорскиот манастир.
Посета со лично и историско значење
Во соопштението се додава дека престојот на Атон носи длабоко и историско значење за Партениј и за неговото монашко семејство. "Ова е неговото прво доаѓање на Света Гора како епископ, но и прво богослужбено претстоење на Атон по цели триесет и шест години – од времето кога, како млад богослов и искушеник, извесен период живеел во свештената Обител Григоријат", наведуваат од Бигорски.
Манастирот нагласува дека ова доаѓа како исполување на долгогодишно копнење и како чудесно заокружување на духовниот пат на игуменот: некогаш млад искушеник кој ги примал првите светогорски поуки, денес се враќа на истата осветена земја како монах, свештенослужител и епископ, придружуван од своите духовни чеда.
Во соопштението се наведува и дека епископот Партениј ќе присуствува на свеченото празнично бдение и ќе чиноначалствува на Божествената Евхаристија во чест на големиот Христов маченик и исцелител Пантелејмон.
Фото: Бигорски манастир