Почетна
Балкан

ЕУ ќе прераспределува средства од Планот за раст кон трите најнапредни земји од Западен Балкан

Урсула фон дер Лајен рече дека забрзаните реформи би можеле да ослободат 338 милиони евра за Албанија, Црна Гора и Северна Македонија.

·Балкан
ЕУ ќе прераспределува средства од Планот за раст кон трите најнапредни земји од Западен Балкан

Европската унија ќе прераспредели значителни средства од Планот за раст кон трите земји од Западен Балкан кои покажале најголем напредок, соопшти претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по Самитот ЕУ–Западен Балкан.

Фон дер Лајен рече дека Комисијата сака да ги стави достапните пари во функција таму каде што ќе даваат резултати и наведе дека Албанија, Црна Гора и Северна Македонија се кандидати за пренасочување на дел од средствата.

Средствата врз основа на остварени реформи

„Навистина, имаме голем интерес достапните средства да се стават во функција. Треба да ја искористиме можноста што средствата се на располагање, да ги инвестираме и да овозможиме тие да дадат резултати. Затоа, планираме да прераспределиме значителни средства кон трите земји кои постигнале најголем напредок во рамките на овој механизам“, рече Фон дер Лајен.

Таа подвлече и дека спроведувањето на Планот за раст добило темпо: „Пред една година, партнерите имаа реализирано 38% од предвидените реформски чекори. Денес, таа бројка достигна 63 отсто, а станува збор за реформи што навистина носат промени. Во наредните недели, тоа би можело да овозможи дополнителни 338 милиони евра за Албанија, Црна Гора и Северна Македонија“, рече Фон дер Лајен на прес-конференцијата.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја поддржа идејата и порача дека проширувањето не мора да чека да завршат преговорите за новата повеќегодишна финансиска рамка: „Не мора да чекаме едниот процес целосно да заврши за да продолжиме со другиот. Како што рече претседателката, можеме да работиме на двете работи истовремено“, рече Кошта, нагласувајќи дека предизвиците во геополитиката го зголемуваат значењето на поблиската врска меѓу ЕУ и регионот.

И фон дер Лајен и Кошта посочија дека покрај финансиските стимулации, регионалната соработка, помирувањето и добрососедските односи остануваат клучни услови за напредок. Комисијата укажа и на конкретни придобивки што веќе се одвиваат: приклучувањето на четири партнери кон Единствената област за плаќања во евра (SEPA) и започнатите преговори за иницијативата „Роаминг како дома“. Истовремено, најавено е дека на почетокот на следната година ќе започнат дијалози за постепена интеграција на пазарот за секој партнер.

На самитот беше посочено и дека некои партнери веќе забележале конкретен напредок: започнат е процес за изготвување на Договорот за пристапување на Црна Гора, што не се случувало со години, а Албанија почнала да затвора преговарачки поглавја — примери што, според официјални лица, покажуваат дека членството во ЕУ е реална можност за оние што се ангажираат.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи