Почетна
Балкан

SecuriMeter 2026: 58% од младите во Западен Балкан размислуваат да заминат во странство

Анкета меѓу 6.003 возрасни покажува дека економската несигурност и дигиталните ризици доминираат меѓу загриженостите во регионот.

·Балкан
SecuriMeter 2026: 58% од младите во Западен Балкан размислуваат да заминат во странство

Истражувањето SecuriMeter 2026 на Советот за регионална соработка (RCC) покажува дека над пола од младите во Западен Балкан размислуваат да заминат во странство – 58 проценти од испитаниците на возраст од 18 до 24 години изјавиле дека размислуваат да живеат или работат во друга земја.

Економската несигурност и дигиталните закани на врвот на листата

Според анкетата, 49 проценти мислат дека Западен Балкан е безбедно место за живеење, во споредба со 38 проценти во 2025 година, а 64 проценти пријавиле релативно високо ниво на лична безбедност. Сепак, главните причини за загриженост се економски: трошоците за живот и инфлацијата (83%), депопулацијата и иселувањето (78%), дезинформациите и лажните вести (72%), сајбер-криминалот и интернет-измамите (70%) и организираниот криминал (68%).

Анкетата посочува и финансиска ранливост: само еден од тројца испитаници може да покрие непредвиден трошок од 1.000 евра без да се задолжи или да побара помош. Исто така, 55 проценти имаат мала или никаква доверба во способноста на нивната заедница да закрепне од сериозна криза.

Перцепциите за корупцијата остануваат високи: 77 проценти сметаат дека корупцијата е широко распространета во нивната економија, но тоа е намалување од 86 проценти во 2023 година. Повеќе од половина (52%) не се согласуваат дека јавните институции ги третираат луѓето еднакво, а довербата во политичките партии изнесува само 16 проценти – најниско ниво меѓу институциите опфатени со истражувањето.

Загриженоста за дигиталната безбедност е значајна: 74 проценти ги загрижува кражбата на лични податоци, а 72 проценти се плашат од нивна злоупотреба од приватни компании или интернет-платформи. Што се однесува до безбедноста во непосредното опкружување, 53 проценти се чувствуваат загрозено од нелегална поседување и злоупотреба на огнено оружје, но 84 проценти велат дека не би размислувале да поседуваат огнено оружје.

Ставовите кон имиграцијата се поделени: 48 проценти веруваат дека имиграцијата го зголемува криминалот, додека 21 процент го препознаваат придонесот на имигрантите во пополнувањето важни работни места. Наодите од SecuriMeter 2026 беа претставени во Белград, во рамки на Белградската безбедносна конференција. Истражувањето беше спроведено од 1 до 17 септември годинава, со анкетирање на 6.003 полнолетни лица во шесте економии на Западен Балкан, преку непосредни, компјутерски потпомогнати лични интервјуа.

За резултатите говореше Павле Јанковиќ, раководител на Политичкиот оддел на RCC, и предупреди дека „Безбедноста не се однесува само на заштитата на луѓето од традиционалните закани. Таа се однесува и на тоа дали луѓето можат да си дозволат достоинствен живот, дали им веруваат на институциите што треба да ги заштитат и дали гледаат иднина за себе и за своите семејства во овој регион“.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи