Западниот Балкан во Подгорица: кога ЕУ-проектите добиваат човечко лице
На собирот „Подгорица хаб“ на 5 и 6 ноември 2026 година беа прикажани практични проекти — од апликации за вработување до оркестар — финансирани од ЕУ.

На 5 и 6 ноември 2026 година, Подгорица беше домаќин на регионален собир на кој граѓански организации, новинари, младински амбасадори на ЕУ и претставници од делегациите на ЕУ од Црна Гора, Северна Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Србија ги презентираа практичните проекти за човекови права и ги дискутираа нивните резултати и предизвици.
Од апликација до оркестар: проекти со конкретен ефект
Организаторите посочија дека настанот, наречен „Подгорица хаб“, имал за цел да го покаже човечкото лице на поддршката од Европската Унија во регионот — не како апстрактни буџетски ставки, туку како иницијативи што ги менуваат секојдневните животи. „ Ние се обидуваме да се соочиме со некои тешки теми, но се обидуваме на некој начин да покажеме дека не зборуваме за проек т и на Европската Унија, туку дека зборуваме за луѓето од Западен Балкан кои направија промени“, изјави Самра Лучкин, координатор и менаџер за стратешки комуникации на WeBalkans.
На панелите беа претставени различни интервенции финансирани од ЕУ: апликација што им помага на млади Роми да најдат работа; центри и услуги за заштита на жртви на семејно насилство; и Младинскиот оркестар на Западен Балкан, кој собира музичари од сите земји од регионот. „Постарите генерации не покажуваат тенденција да се приспособат… тие сакаат да бараат работа на стармоден начин, па за нив организираме и вокациски обуки. Со младите е полесно. Направимве апликација која ги спојува вештините на работниците и барањата на компаниите. Така, младите може да се приспособат и да најдат стабилна работа“, изјави Суад Скендери од „Ромалитико”.
Говорниците нагласија дека не постои едно единствено решение за долготрајните проблеми, но дека постојаните и таргетирани интервенции можат да ги поместат социјалните норми. „Не можеме да ја решиме целата состојба со една програма. Се обидуваме да правиме постојани интервенции… Целта е, со време, да ја правиме дискриминацијата сè помалку прифатлива. И мислиме дека успеваме во тоа,“ рече Далиборка Уљаревиќ.
Новинарите зборуваа за тоа како поддршката од ЕУ помогнала во воведување нови пристапи и организациски модели. Бранко Чечен опиша редакција управувана преку Собрание: „(Нашите н.з.) новинари имаат Собрание. Собранието ги носи сите одлуки, не раководството. Раководството има обврска да го исполни тоа што одлучило Собранието… ЕУ ја направи идејата за инклузија многу попопуларна отколку што беше.“ Во Босна и Херцеговина, медиумите кои ја практикуваат таканаречената solution journalism потоа организираат локални средби за да ги дискутираат наодите и да ја намалат дистанцата помеѓу локалните власти и маргинализираните групи, рече Маида Муминовиќ.
Учеството на младите беше посебно истакнато. Младинскиот оркестар беше претставен како начин да се кршат стереотипите: „Музичари по прват свират со музичари од други земји со кои инаку не би свиреле. Помага во борбата со стереотипите едни за други. Довербата се креира преку музика,“ рече Лундрим Реџа. Во Црна Гора беа најавени и промени во институциите за поврзување на младите директно со пратениците: „Ќе има младински комитет во парламентот на Црна Гора. Веќе е сменет Деловникот и во следите неколку дена по првпат ќе имаме можност да работиме/зборуваме директно со пратениците“, изјави Владимир Перазиќ од Националниот младински совет на Црна Гора.
Настанот во Подгорица беше втор по ред годинава, откако претходно се одржа сличен собир во Белград. Организаторите најавија дека циклусот на вакви хаб-нати ќе продолжи и наредната година во други престолнини на Западен Балкан, со цел да се презентираат успешни проекти финансирани од ЕУ и преку размена на искуства да се дизајнираат програми што попрецизно ги одговараат на потребите на граѓаните во шесте држави кои се на пат кон членство во Унијата.
Фото: прес-материјал од настанот


