ЕУ не попушта за правилото 90/180 — превозниците испраќаат допис и најавуваат блокади
Превозниците ќе бараат од Брисел да потврди дали долгорочна виза од една шенген‑држава важи за целата зона; негативен одговор може да предизвика блокади на 14 септември.

Регионалното здружение на превозници од Западен Балкан утре ќе испрати допис до Европската унија по јасното „НЕ“ од Брисел за измени на правилото 90/180, јавуваат извори. Во писмото ќе бараат појаснување за делот од образложението кој се однесува на билатералните преговори и договори и конкретно дали долгорочна виза издадена од една држава од Шенген зоната ќе важи и за другите членки.
Брисел остава на билатералните решенија
Од Европската комисија велат дека се свесни оти возачите по природа на работата често треба да престојуваат во Шенген подолго од 90 дена во рок од 180 дена, но засега решението го гледаат во постојните правила и во билатерални договори со државите членки. Комисијата додава дека новиот систем за влез‑излез (EES) не го вовел ограничувањето, туку овозможува попрецизно спроведување.
„Внимателно ја следиме ситуацијата и сме во контакт со нашите партнери во регионот. Свесни сме дека за голем број професионалци од трети земји кои не се прекугранични работници, пристапот до Шенген зоната може да биде неопходен повеќе од 90 дена во рок од 180 дена. Ова ги вклучува професиите кои се потпираат на висока мобилност, како што се возачите на камиони, но исто така и спортистите и уметниците на турнеја. Постојат национални правила и постојни билатерални договори, така што постои пат што треба да се следи и да се искористи за да се најдат прагматични решенија според сегашните Шенген правила, на пример, да се аплицира за долгорочни визи, а исто така и за дозволи за престој, или во некои ограничени случаи, исто така, да се сметаат возачите за прекугранични работници “, рече Маркус Ламерт, портпарол на ЕК.
Македонската Влада уште еднаш инсистира на билатерални договори за долгорочни работни визи како дел од решението. „Решението на ова прашање е во две насоки. Прво ЕУ во својата нова визна стратегија ги препозна превозниците како професионалци, тоа беше кажано на прес конференцијата и второто дека единственото решение се билатерални договори за долгорочни работни визи кои ние веќе ги имаме склучено и ги склучуваме. Мислам дека нашите превозници се доволно мудри и дека ќе заеднички ќе работиме и решението веќе го имаме на повидок, имајќи предвид дека со неколку држави вакви долгорочни визи се издаваат“, рече Александар Николовски, министер за транспорт и врски и прв вицепремиер.
Превозниците од Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина претходно најавија дека ќе ги блокираат граничните премини од 14 септември доколку до тогаш не се изнајде прифатливо решение.
Фото: прес-материјал од настанот


