Николоски од Виена апелира до ЕУ да изнајде решение за проблемот со превозниците
На 23. Виенски економски форум Николоски предупреди дека новите правила и шенген-ограничувањата го задушуваат патниот транспорт, а CBAM ја блокира продажбата на обновлива електрична енергија.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски одржа настап на 23. Виенски економски форум и од таму упати директен апел до Европската унија да понуди политичко решение за проблемот што веќе една година го трпат професионалните возачи од Северна Македонија и регионот.
Ограничувањата во шенгенот и трошоците за зелена енергија најголеми забелешки
Николоски посочи дека темата со ограниченото движење на возачите и имплементацијата на новиот електронски систем долго време е предмет на разговори, но дека досега преовладуваат бирократски одговори, без политичка одлука која би ги разрешила последиците врз трговијата.
„Во овој момент го имаме тој голем, огромен проблем. Една година зборуваме, не знам како е можно да се водат само бирократски дискусии, а да нема политичка одлука за тоа. Одговорите што ги добиваме веќе една година се дека „тоа било исто и порано“. Не е исто!“ — изјави Николоски на форумот.
Тој објасни дека со новиот електронски систем деновите се бројат поинаку и дека возачите на камиони се третираат исто како туристи — не можат да престојуваат повеќе од 90 дена во период од 180 дена во шенген-зоната, што, според него, доведува до колапс на бизнисот. Властите во земјава се обиделе да решат дел од проблемот со склучување билатерални договори со некои членки на ЕУ, но тие не ги опфаќаат сите земји-членки на шенген-зоната.
„Бараме решение кое секако треба да го понуди шенген-зоната и ЕУ како овој проблем да се надмине“, додаде вицепремиерот.
Како втора голема тема, Николоски го истакна и проблемот со извозот на електрична енергија од обновливи извори на европскиот пазар. Тој истакна дека воведувањето на Механизмот за прекугранично прилагодување на цените на јаглеродот — CBAM, донело дополнителни трошоци за целата електрична енергија од регионот, без оглед на изворот, што предизвикува економски загуби за инвеститорите.
Според него, во Северна Македонија се погодени над 500 милиони евра кредити во локални банки во компании кои инвестирале, а потоа не можат да го извезуваат својот производ, односно електрична енергија од обновливи извори. „Дури и зелената енергија произведена во регионот не може да се извезува. Како тогаш да инвестираме во ветерници, во соларни панели, во хидроенергија", праша Николоски.
Во делот посветен на економската соработка, тој повика на поинтензивна регионална координација, потенцирајќи дека поединечните економии во Западен Балкан се премали за глобална конкуренција и дека само заеднички можат да стигнат до повисоко ниво на развој.
Николоски ги претстави и големите инфраструктурни планови на земјава: проект за брза железница на Коридорот 10, за кој рече дека „Oчекувам изградбата да започне на пролет. Станува збор за огромен проект, кој ќе биде најголемиот поединечен инфраструктурен проект во Југоисточна Европа, со инвестиција од приближно две милијарди евра"; и железничко и автопатско поврзување преку Коридорот 8, каде што Македонија веќе инвестира околу 810 милиони евра во железничкиот сегмент, а двете страни работат и на автопатските врски.
Според вицепремиерот, за двата коридора во целина се планирани приближно пет до шест милијарди евра инвестиции, со цел Македонија да стане важна крстосница за раст на бизнисот и за зголемена безбедност.
На форумот учествуваа членови на бордот на Виенскиот економски форум, министри од земјите од Западен Балкан, претставници на ЕУ и високи претставници на меѓународни финансиски институции.
Фото: Министерство за транспорт


