Евакуирани 51 лице од плажата Превели поради голем пожар на јужен Крит
Патролен брод и два приватни чамци ги пренесоа спасените на пристаништето Агиа Галини, операцијата се одвивала при северни ветрови од 8 Бофори.

Од плажата Превели на јужниот дел на Крит беа евакуирани 51 лице поради голем пожар што избувна вчера и сè уште не е ставен под контрола.
Евакуацијата беше спроведена по морски пат со патролен брод на крајбрежната служба на Грција и два приватни чамци. Од крајбрежната служба објавија видео од акцијата и посочија дека операцијата се одвивала во неповолни временски услови, со северни ветрови со јачина од 8 Бофори.
Координација и моментална состојба
Спасените лица беа пренесени на пристаништето во местото Агиа Галини; сите 51 лице се во добра здравствена состојба, информираа властите.
Акцијата се спроведе под општa координација на Министерството за климатска криза и цивилна заштита, на Единствениот координативен центар за операции и управување со кризи и Оперативниот центар на крајбрежната служба.
Во конкретната област и натаму останува еден спасувачки брод и два приватни чамци, а кон местото е упатен и брод на ФРОНТЕКС што треба да помогне во операциите.
Фото: прес-материјал од настанот