Почетна
Македонија

Европската комисија со низа забелешки за нефункционирањето на јавното здравство

Извештајот на ЕК укажува на високи трошоци од сопствен џеб, недоволни скрининг‑програми и слаб надзор над приватните услуги.

·Македонија
Европската комисија со низа забелешки за нефункционирањето на јавното здравство

Европската комисија во најновиот извештај за напредокот констатира сериозни слабости во јавното здравство: граѓаните плаќаат до 42 проценти од здравствените трошоци од сопствен џеб, а опсегот и достапноста на специјалистичките услуги се несоодветни.

Во извештајот стои: "Универзалната здравствена заштита се обезбедува бесплатно преку примарното здравство, но пациентите мора да плаќаат за одредени болнички услуги, специјалистички прегледи и лекови. Опсегот и достапноста на здравствените услуги, особено специјалистичките, како и нивната географска распределба, се несоодветни. Бројот на медицински сестри на 100.000 жители останува под европскиот просек. Продолжува одливот на медицински персонал од јавното во приватното здравство и надвор од државата."

Комисијата укажува и на недостаток на државен увид: Националниот систем за електронско здравство собира податоци само од јавните установи, па прегледите, интервенциите и лекувањето во приватниот сектор не се целосно евидентирани и здравствените досиеја остануваат нецелосни. Овој вакуум во контролата дојде во фокусот на јавноста и по приговорите за кардиохируршки интервенции во приватни болници, за кои се појавија сомнежи дека биле направени без медицинска индикација заради остварување профит; извештајот нотира дека сè уште нема целосна институционална разрешница.

Скрининг, пушење и раст на статистиката за рак

За превенцијата, ЕК укажува дека опфатот на скрининг-програмите е недоволен. "Во тек се скрининг-програми за рано откривање рак на дебелото црево и рак на дојка, но ХПВ-тестирањето сè уште не е воведено како дел од скринингот за рак на грлото на матката. Потребна е и поголема јавна информираност, како и вклучување на поголем број лица од целните групи во процесот на скрининг. Во 2025 година продолжил да расте бројот на регистрирани случаи на рак, како и стапката на смртност од овие заболувања."

Извештајот забележува и слаба контрола на пушењето во затворени простории: пушењето, според наодите, продолжува да се толерира и да поминува без санкции во јавни институции, дел од здравствените установи и угостителските објекти. Владеата најавуваше ригорозен закон за заштита од пушењето, но по реакциите и притисокот од угостителскиот сектор од првичните решенија е отстапено, а новиот закон, кој првично требаше да стапи на сила уште во март, сè уште е заглавен во собраниските лавиринти.

Како дополнителен ризик за системот се посочува корупцијата во здравството; извештајот предлага поголем напор за јасно планирање на здравствените трошоци, забрзана дигитализација и транспарентни јавни набавки за да се намали просторот за злоупотреба и да се подобри контролата врз услугите.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи