Почетна
Политика

Филипче: Дата-центри ризик за водоснабдувањето на земјоделците и за цената на струјата

Филипче предупреди дека планираните дата-центри можат да ја загрозат достапноста на вода за земјоделците и да ја зголемат цената на струјата.

·Политика
Филипче: Дата-центри ризик за водоснабдувањето на земјоделците и за цената на струјата

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска на прес-конференција предупреди на сериозните ризици што, според него, произлегуваат од плановите за изградба на дата-центри под власта на Христијан Мицкоски. Филипче го критикуваше начинот на работа на владата, зборувајќи за проекти кои се движат „нетранспарентно“ и „под радарот“, и вети дека овие објекти може да влијаат на водоснабдувањето, земјоделието и цената на струјата.

Филипче нагласи дека за работа дата-центрите користат огромни количини вода и дека нивните потреби за ладење можат да доведат до пренасочување на водните ресурси од земјоделските површини. „Дали тоа значи дека огромната количина на вода која што ќе ја користат дата-центрите, кои што Организираната криминална група на ВМРО сака да ги прави кај нас, ќе ги остави нашите полиња и земјоделците без водоснабдување? Дали тоа значи дека ова целосно запоставување на земјоделскиот сектор дополнително ќе претрпи удар поради тоа што водата ќе биде пренасочена за ладење на таканаречените дата-центри?“, рече Филипче.

Тој посочи дека земјоделците веќе се соочуваат со сериозни проблеми поради неисплатени субвенции и ниски откупни цени и рече дека проблемите би можеле да се влошат ако водоснабдувањето за нивните полиња биде компромитирано. „Дали земјоделците, покрај овој удар кој што сега го доживуваат и некако преживуваат, многу тешко, од страна на оваа власт, со неисплаќање на субвенции и со ниски откупни цени, ќе се соочат и со тоа да е компромитирано целосно водоснабдувањето?“, праша Филипче.

Потрошувачката на струја и идниот индустриски развој

Освен водата, Филипче отвори и дилеми за големата потрошувачка на електрична енергија од страна на таквите центри и можните импликации врз снабдувањето и цените на струјата. „Зарем не е легитимно прашањето што ќе се случи со капацитетот за водоснабдување на сите полиња на земјоделците кога ќе се изгради дата-центар? Зарем не е легитимно прашањето што Македонија ќе прави со струјата која што во еден дел целосно ќе биде искористена од тие дата-центри, затоа што тие трошат многу струја? Понатаму, што ќе се случи со цената на струјата?“, рече Филипче.

Тој го повикa вниманието и кон прашањето дали зголемената локална побарувачка на енергија ќе ја ограничи можноста за изградба на други фабрики или инвестициски проекти во околината на дата-центрите. „Дали тоа големо искористување ќе ја поскапи? Дали тоа значи дека ќе има дополнителен увоз? Дали тоа значи дека нема да има капацитет за ништо друго да се направи во околина на дата-центрите поради тоа што тие користат многу струја? На пример, ќе може ли во околина на некој дата-центар да се изгради фабрика? И дали воопшто ќе има струја за тие фабрики?“, рече претседателот на СДСМ.

Филипче предупреди и на влијанието врз животната средина — особено каде ќе отиде загреаната вода од ладењето и какви последици тоа би имало врз реките и биодиверзитетот. Тој повика на јасни гаранции и транспарентност од владата за тоа како ќе се користат природните ресурси и како ќе се планираат ваквите проекти.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи