Филипче: Зголемување на цената на струјата ќе повлече поскапувања, граѓаните едвај ги покриваат основните трошоци
Филипче предупредува дека семејните буџети се притиснати, а владата не нуди решенија.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес‑конференција предупреди дека дополнително зголемување на цената на електричната енергија за 2–3% по Нова година ќе предизвика општо покачување на цените и дополнително ќе го оптерети веќе испразнетиот семеен буџет.
Филипче: граѓаните една минимална плата трошат само на храна
Според него, најновите извештаи покажуваат дека вредноста на синдикалната кошничка е зголемена на 71.000 денари, а ако се исклучат трошоците за кирија или кредити за станови, потребите на семејствата достигнуваат околу 90.000 денари. Тој посочи дека околу 26.000 денари се само за храна и пијалаци — „значи, една цела минимална плата оди за храна и пијалаци”.
Филипче го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека ги игнорира овие проблеми и дека наместо мерки плаши граѓаните со геополитички реторики. Тој рече дека наместо да се занимава со реалните трошоци за живот, премиерот говори за „Трета светска војна”.
„Што ќе се случи после Нова година? Ова зголемување на струјата за дополнителни 2-3% ќе повлече повторно поскапување на буквално сите производи кај нас. Според последните извештаи, вредноста на синдикалната кошничка е повторно зголемена. Сега е 71.000 денари. Ако се извадат киријата или кредитите кои што ги плаќаат граѓаните за становите, тие трошоци се на 90.000 денари. Околу 26.000 денари е само трошокот за храна и пијалаци. Значи, една цела минимална плата оди за храна и пијалаци. Каде се парите потребни за сметки, за струја, за вода, ѓубрарина, трошоците за децата, школски прибор, обувки и така натаму. За ова никој не зборува“ — рече Филипче.
Тој додаде дека додека Мицкоски се занимава со геополитички сценарија и користи реторика како Орбан и Вучиќ, во Македонија реалноста е дека цените растат, а семејните буџети сè потешко издржуваат. Филипче рече дека СДСМ поднел 225 амандмани на предлог‑буџетот за 2027, меѓу кои и предлог за 600 евра зголемување на минималната плата и зголемување на средствата за студентскиот оброк, но од власта добиваат одговор дека „нема пари”.
Филипче го отфрли тврдењето на премиерот дека новите задолжувања служат за враќање на старите долгови и предупреди дека вкупниот долг ќе продолжи да расте. Тој оцени дека до крајот на мандатот на оваа власт вкупниот долг ќе биде најмалку 50% поголем од оној што владата го наследила во 2024 година.
Фото: прес-материјал од настанот


