Филипче: Додека чекаме гаранции од ЕУ, Македонија не е спомената за следното проширување
Лидерот на СДСМ и претседател на Националниот совет за евроинтеграции рече дека Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина се споменати, додека Македонија не е меѓу нив.

Венко Филипче предупреди дека Северна Македонија не е спомената во најавите на претседателката на Европската комисија за земјите кои би можеле да напредуваат кон членство до крајот на мандатот на оваа Комисија и бара од Владата да обезбеди гаранции против нови блокади на евроинтегративниот пат.
Во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции и лидер на СДСМ, на средба со делегација на Сенатот на Француската Република, Филипче рече дека во најавите на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се споменуваат Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, додека Македонија не е меѓу нив.
„Додека други земји напредуваат кон Европската Унија, Македонија останува без видлив резултат од владините ветувања за подобра преговарачка позиција“, рече Филипче.
Каде заврши унгарскиот заем од една милијарда евра
Лидерот на СДСМ отвори и прашања за унгарскиот заем од една милијарда евра, посочувајќи дека уште од почетокот имало информации дека средствата се со кинеско потекло и дека нема јасни податоци каде завршиле и за кои проекти биле наменети, и покрај најавите дека ќе се користат за локални проекти.
„Ние како опозиција изминатите две години силно реагиравме за еден заем кој што оваа влада го зема уште пред години од Унгарија, за кој што информациите уште тогаш беше дека станува збор за пари кои што се од кинеско потекло, станува збор за една милијарда евра, пари кои што навистина не знаеме каде се сега во буџетот, за што точно се потрошени. Очигледно, иако беа најавувани за некакви локални проекти и во изминатиот период, дури и новата унгарска влада најави истрага за кредитот“, рече Филипче.
Тој предупреди дека таквите големи инфраструктурни кредити и начини на набавка се „огромен ризик од корупција и нетранспарентност“ и дека во документите на Европската комисија за 2026 година е посочено дека Северна Македонија мора целосно да ја усогласи постапката за јавни набавки, транспарентноста и билатералните кредити.
Филипче додаде дека СДСМ останува посветен на европскиот пат и изрази уверување дека Франција, како традиционален пријател, ќе продолжи да ја поддржува земјата.
Фото: СДСМ


