Почетна
Македонија

УГД во Штип ги стави во мирување двајца вработени и им го одзеде пристапот до досиејата

Универзитетот ги суспендира вработените и ги блокира нивните системски привилегии додека трае истрагата за наводна злоупотреба при пријавување и евидентирање испити.

·Македонија
УГД во Штип ги стави во мирување двајца вработени и им го одзеде пристапот до досиејата

Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ги стави во мирување работните места на двајцата вработени против кои Основното јавно обвинителство Штип поведе постапка и им ги одзеде сите системски и администраторски привилегии во електронскиот систем за студентски досиеја.

Обвиненија и одземени предмети

Полицијата ги гони раководителот на електронскиот индекс и советничката на студентска архива од Универзитетот „Гоце Делчев“ за компјутерска измама и злоупотреба на службена положба. Според сомнежите, раководителот за различна сума на пари, подолг временски период, на студенти од Турција им пријавувал испити по истекот на предвидениот рок, им овозможувал полагање по затворање на системот за пријавување испити, бришел оценки и кредити во е-индекси за да можат да запишат нов семестар или година, и внесувал податоци дека наводно студентите ја платиле потребната школарина.

При претресот во неговиот дом одземени се три лап топ компјутери, четири телефони, усб стикови, документација, како и пари.

Ректоратот појаснува дека проверките се однесуваат на ограничен број случаи поврзани со постапките за запишување студенти и уверува дека студентските досиеја и евиденцијата надвор од овие случаи не се засегнати. Сите податоци за кои постои сомнеж дека биле нелегитимно внесени од осомничените вработени се предмет на истрагата и ќе бидат соодветно процесирани по нејзиното завршување од надлежните органи.

Универзитетот истакнува дека електронскиот систем располага со дигитални механизми и записи преку кои се евидентираат сите интервенции, што овозможува да се утврди евентуалната индивидуална одговорност.

УГД најави целосна соработка со Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи до расчистување на случајот и додека трае постапката нема да дава дополнителни коментари. Исто така ги повика студентите, професорите и вработените слободно и анонимно да пријавуваат сомнежи за евентуална злоупотреба на службената положба, потсетувајќи дека на веб-страницата на Универзитетот се објавени информации за пријавување корупција во високото образование.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи