Филипче: Граѓаните на референдум да одлучат дали сакаат рудници во близина на своите домови
Лидерот на СДСМ вели дека за проекти како ископ на антимон кај Крива Паланка треба да се прашаат локалните заедници.

Лидeрот на СДСМ, Венко Филипче, побара граѓаните да имаат право на референдум да одлучат дали сакаат во нивната непосредна околина да се градат рудници, откако премиерот Христијан Мицкоски вчера од Вашингтон ја претстави најавениот рудник за ископ на антимон кај Крива Паланка како важен стратешки проект со САД.
Филипче: Одлуката мора да ја донесат луѓето кои живеат таму
Филипче на прес-конференција нагласи дека националните богатства не се лична сопственост на ниту еден политичар и дека за вакви одлуки е потребно да се слушне гласот на граѓаните. Тој го обвини премиерот дека подготвува распродажба на земјата со промоција на рударски проекти без да ги праша засегнатите заедници.
„Премиерот Христијан Мицкоски најавува распродавање на земјата. Вчера го слушам, кажува како ние сме биле богати со руда, надевајќи се дека ќе привлече инвеститори кои што тука ќе градат рудници. Сакам јасно и гласно да му порачам – не смее да ги распродава националните богатства. Прво, за рудници треба да се прашаат граѓаните“, рече Филипче на денешната прес-конференција.
Според него, правото на граѓаните директно да одлучат дали во нивната непосредна околина ќе има рудници е особено важно во услови кога веќе постојат сериозни проблеми со квалитетот и безбедноста на водата на повеќе локации во земјата. Кој ќе гарантира, вели Филипче, дека ископот на антимон ќе биде безбеден и дека во иднина антимонот не би завршил во водата.
„Нема право премиерот, кога има сега целосен дебакл во сферата на економските политики, да мисли дека може да ја распродава земјата. Тоа не е негова приватна сопственост. Тоа што тој во моментов ја води Владата не значи дека треба да располага со националните богатства на земјата за да се спаси во делот на лошите економски политики. Треба граѓаните во средините во коишто живеат да се изјаснат на референдум дали сакаат или не сакаат блиску до нивните места на живеење да се градат рудници“, додаде тој.
Лидерот на СДСМ ја критикуваше и најавената изградба на дата-центри, обвинувајќи дека власта ги договара поради свои лични бизнис-интереси. Тој нагласи дека партијата не е против технолошкиот напредок на државата, туку против приватните бизнис-интереси на власта и на премиерот кои се на штета на граѓаните.
Фото: СДСМ


