Почетна
Македонија

Филипче и Мицкоски во вербален судир во Собранието

Лидерот на СДСМ обвини за распродажба и сомнителни трансфери, премиерот ги нарече обвинувањата лаги и се повика на ревизорски извештаи.

·Македонија
Филипче и Мицкоски во вербален судир во Собранието

На собраниска седница посветена на пратенички прашања денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и премиерот Христијан Мицкоски влегоа во остра вербална пресметка, разменувајќи обвинувања за финансии, политички манипулации и планирано отворање рудници.

Филипче од говорницата ги обвини властите за дискредитации, навреди кон граѓаните, избегнување отчетност и, како што рече, распродажба на земјата преку концесии и интереси на туѓи бизниси. Тој директно ја нападна практиката на владеење:

„Сакам да кажам 'почитуван премиер', ама не можам. Ја почитувам функцијата, меѓутоа, премиере, не и тебе лично, најмногу поради тоа што на тој начин ја практикуваш власта. Користиш разноразни пропагандни механизми, лажни кампањи, оцрнувања, дискредитации. Работиш, правиш простор за политички отстрел на твоите политички противници, но и на твои блиски луѓе кои не работат така како што ти им диктираш“.

Сомнежи за врски со Србија и европска одговорност

Филипче тврди дека системот на политичка поддршка од Србија се полека губи со поразот на некогашниот српски претседател Александар Вучиќ и предупреди дека премиерот ќе мора да дава одговори и пред европските институции. Тој повика на внимание од изјавата на претседателката на Европската комисија:

„Јас знам дека тебе сега не ти е лесно, го нема и вториот ментор. Тој систем на поддршка од Србија полека се губи и ќе останеш сам. Се поставува прашањето што ќе правиш? Веројатно ќе треба да одговараш на прашања не само тука, меѓутоа и на некои други места. Онака како што јасно, недвосмислено, многу брутално и што би рекол ти, робусно, кажа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека пред Европа ќе треба да се одговара пред европското обвинителство“.

Лидерот на СДСМ отвори и прашања за наводни сомнителни финансиски трансфери и за нови просторни планови што, според него, предвидуваат рудници. Тој побара одговор дали Владата ги поддржува проектите за отворање на рудниците во Шутка односно Иловица, Казандол, рудникот за антимон во Крива Паланка и испитувањата за Кожуф, и предупреди дека доколку почнат постапки ќе следи сериозен отпор од граѓаните.

Премиерот Мицкоски ги отфрли обвинувањата како лаги и политичка хистерија и рече дека времето и ревизорските извештаи ќе ја покажат вистината за работењето на Владата:

„Овие прес-конференции коишто вашата политичка партија ги пренесува, а што се однесува до изборите во Србија и нивното поврзување со нас во контекст на кој чиј и каков ментор бил нема да ги коментирам. Ќе оставиме времето да даде одговор на сето тоа коешто вие го кажувате денеска и лагите ги испраќате. Значи во овие шест месеци нема ни 'к' од криминал, туку потврда дека оваа влада за оваа држава направила добро дело.“

Мицкоски одговори и на личните квалификации од страна на Филипче, употребувајќи термини од психологијата за да ја објасни неговата реакција:

„Што е вашиот проблем, вие сте медицинско лице, вие добро знаете што е потсвест и во филозофска и во здравствена смисла. Потсвеста е многу интересна работа, знае секогаш да биде проблематична. Таа потсвест некогаш претставува голем товар. Тоа што вие го чувствувате како потсвест го проектирате на другите. И тоа е проблем, ама тоа е ваш проблем, не е наш.“

Премиерот додаде дека нема да се спушта на ниво на лични навреди: „Ме обвинивте дека сум трансферирал дрога, пари, што сѐ не се изнаслушав – од тоа дека сум идиот и не знам уште што. Нема да се спуштам на тоа ниво и да ви одговорам, мислам дека не заслужувате.“

На крајот Мицкоски ја стави вината за спорните концесии на претходните влади и рече дека, меѓу другото, проектот Штука–Иловица потекнува од раните одлуки во влада предводена од СДСМ. Тој изјави дека не распродава држава, туку враќа дел од она што, според него, било продадено порано. Како реплика, Филипче му порача дека ја погрешил професијата и дека би му одело да биде уредник на таблоид, додавајќи:

„Во однос на другиот дел од одговорот, би рекол дека си ја погрешил професијата, би бил добар уредник на 'Информер' или на 'Колегиум', но за жал тие се гасат сега. Не ти оди со водењето на државата.“

Фото: СДСМ

Поврзани написи