Филипче: Со членството во НАТО ја зацврстивме стабилноста на државата
Лидерот на СДСМ го честиташе Денот на Армијата и го истакна членството во НАТО како историски успех што ја зацврсти безбедноста на државата.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, преку објава на Фејсбук го честиташе 18 август – Денот на Армијата и ја потенцираше улогата на вооружените сили како еден од столбовите на националната безбедност и стабилноста.
Во својата објава Филипче напиша: "Горд сум што бев дел од Владата на СДСМ, која со правилни државнички политики овозможи државата да биде дел од најмоќниот воен сојуз НАТО, што е историски успех за нашата држава. Со членството во НАТО ја обезбедивме безбедноста и територијалниот интегритет на земјата, а нашите војници заедно со војниците на земјите-членки дејствуваат согласно стандардите на Алијансата, даваат помош на граѓаните при елементарни непогоди и учествуваат во сите меѓународни мировни мисии."
Централната свеченост во Охрид
Со централна свеченост во Охрид денеска беше одбележан Денот на Армијата – 18 август, а во пораките кои беа упатени доминираа темите за новите безбедносни предизвици: хибридните и киберзаканите, потребата од современо вооружување и опрема, и придонесот на земјава во НАТО.
Претседателката и врховна командантка на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, во своето обраќање рече: "Современата одбрана мора да ги предвидува заканите, а не само да реагира на нив." Таа нагласи дека одбраната треба да се заснова на предвидување, подготовка на соодветни капацитети и градење отпорност на државата.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски изјави дека модернизацијата на Армијата се реализира согласно планираната динамика и наведе дека во тек е набавка на артилериски системи, средства за противвоздушна одбрана, беспилотни летала, системи за противоклопна борба, опрема за киберзаштита, за воздухопловна поддршка и комуникациски системи. Мисајловски најави дека до крајот на годината Армијата ќе добие два нови хеликоптера.
Вечерта пред свеченоста во касарната „Илинден“ во Скопје единицата на артилерискиот баталјон изврши почесна артилериска стрелба — десет плотуни од шест артилериски орудија. За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Процесот за формирање на современата македонска Армија започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија. Македонската Армија денес е составен дел од најголемиот колективен безбедносен систем откако Република Северна Македонија во март 2020 година стана полноправна членка на НАТО.
Фото: прес-материјал од настанот