Финансиска полиција поднесе пријава за даночно затајување од над 117 илјади евра
Сопственик на фирма осомничен за фиктивни книжења и манипулации со залихи кои, според пријавата, го оштетиле државниот буџет за 7.211.359 денари.

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против едно физичко лице и едно правно лице поради сомнение за сторени кривични дела „Даночно затајување“ и „Фалсификување или уништување на деловни книги“, со кои, како што е наведено, е оштетен Буџетот на Република Северна Македонија за вкупно 7.211.359 денари или над 117 илјади евра.
Во пријавата се посочува дека првопријавениот М. Д., во својство на сопственик и управител на правното лице, во 2021 година со свесна и однапред утврдена намера преку фиктивно книжење присвоил наплатени парични средства од продажба на нафта и нафтени деривати во износ од 7.040.484 денари и при тоа не пресметал и не платил данок на личен доход во вкупна вредност од 782.198 денари (12.700 евра).
Од Управата наведуваат дека истиот првопријавен преку фиктивно книжење извршил намалување на залихата евидентирана на конто 6630 во вредност од 7.040.484,00 денари, намалување на приходите на конто 7411 во износ од 3.222.664 денари, намалување на обврската за ДДВ евидентирана на конто 2301 во износ од 580.003 денари и зголемување на набавната вредност на продадената стока на конто 701000 во вредност од 3.425.798 денари. Со овие дејствија, како што стои во пријавата, не бил пресметан и уплатен данок на додадена вредност во износ од 1.653.677 денари, данок на личен доход во износ од 782.198 денари и данок на добивка во износ од 664.846 денари.
Присвојување на залиха и во 2024 година
Дополнително, Финансиската полиција обвинува дека во 2024 година првопријавениот М. Д. присвоил залиха евидентирана на конто 6630 – „Стоки во продавница со стапка од 18 проценти“ во износ од 12.630.670 денари, не евидентирајќи ја како кусок во сметководствената евиденција на правното лице. Со тоа, според пријавата, не пресметал и не уплатил ДДВ во износ од 1.925.177 денари и данок на личен доход во износ од 1.403.267 денари.
Со наведените дејствија, стои во соопштението, првопријавениот М. Д. и второпријавеното правно лице го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 7.211.359 денари или 117.000 евра. Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје кое ќе постапува по предметот.
Објавено: 04 Август, 2026 12:23.
Фото: Архива