Фискалниот совет ќе ги презентира анализите за одржливоста на пензискиот систем
Фокус на финансиска и демографска одржливост и студијата со симулации за Вториот пензиски столб.

Фискалниот совет денеска организира презентација посветена на финансиската и демографската одржливост на пензискиот систем во Северна Македонија, со разгледување на можни насоки за реформи.
Во рамките на настанот ќе бидат претставени најновите анализи и проекции за идниот развој на системот, со посебен осврт на функционирањето и перформансите на Вториот пензиски столб.
Клучни теми
На презентацијата ќе се наведат основните наоди и сценарија кои ја тестираат долгорочната одржливост на системот. Меѓу темите што ќе бидат предмет на дискусија се финансискиот јаз во пензискиот систем, влијанието на демографските трендови врз неговата одржливост и можните реформски решенија за обезбедување стабилност.
Извршната директорка на Finance Think, Благица Петрески, ќе ја претстави студијата „Одржливост на пензискиот систем во Северна Македонија“ со симулации на можни реформски решенија.
Дополнително, програмата предвидува разгледување на приносите и идниот развој на Вториот пензиски столб, со цел да им се обезбедат на носителите на јавни политики и на засегнатите страни информации за ризиците и компромисите пред системот.
Фото: прес-материјал од настанот


