Форумот за образовни промени поднесе тужба против Министерството за образование и наука
Тужбата бара суд да утврди незаконско постапување, да наложи индексирање со инфлацијата и ретроактивна исплата за студентите

Форумот за образовни промени поднесе тужба до Управниот суд против Министерството за образование и наука, со образложение дека износот на субвенционираниот студентски оброк не е усогласен со стапката на инфлација. Форумот тврди дека МОН со години ја прекршува законската обврска и потсетува дека студентскиот оброк е законско право, а не добра волја на Владата.
Што бара тужбата
Во тужбата Форумот бара Управниот суд прво да утврди дека Министерството незаконски постапувало во изминатите три години. Потоа бара судот да наложи МОН да донесе подзаконски акт кој ќе го усогласува субвенционираниот оброк со инфлацијата, а трето — да се побара ретроактивно надоместување на штетата за членовите на Форумот погодени од намалената вредност на субвенцијата.
„Преку оваа тужба ние бараме прво Управниот суд да донесе одлука дека Министерството за образование и наука незаконски има постапено во изминатите три години. Второ да донесе одлука дека МОН треба да донесе подзаконски акт дека ќе ја усогласува субвенционираниот студентски оброк со инфлациската стапка и третото за нашите членови кои денеска ја поднесуваме тужбата како форум за образовни промени бараме ретроактивно да ја плати штетата што МОН ја има направено кон тие студенти“, рече Бленди Ходаи од Форум за образовни промени.
Од Министерството за образование и наука велат дека се во дијалог со студентските претставници и дека се бара соодветно решение. Министерката Весна Јаневска изјави дека се подготвува промена на постојниот модел, по барање на студентите, со цел субвенцијата да се користи поефикасно.
„Тие самите бараа, нивните здруженија, претставници бараа да го промениме овој систем велејќи дека би сакале нешто слично како она што има во Словенија. Да ние ќе се обидеме во најдобри можности, оти не сме Словенија, да го направиме тоа така како да им соодвестува и почнуваме со подготовки за да го воведеме тој нов систем кој е на нивно барање но и ние сметаме дека ќе биде посоодветно за искористување на средствата“, рече Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Форумот ја поздрави најавата за зголемување на дневниот оброк на 180 денари, но се противи средствата да се користат преку мобилни услуги — оценувајќи дека досегашниот модел со платежна картичка функционирал успешно. Претходно МОН и претставници на Владата најавија начелен договор со студентите за зголемување на месечниот износ од 3.500 на 4.500 денари, што ќе значи зголемување на дневниот износ од 140 на приближно 180 денари.
Фото: прес-материјал од настанот


