Франција: по спроведувањето нема да има нови билатерални услови за патот кон ЕУ, вели Бенжамин Хадад
Министерот за Европа Бенжамин Хадад вели дека Париз ќе работи со Комисијата и партнери за да испрати јасна порака, но Владата во Скопје мора да ги реализира преземените обврски.

Франција е подготвена да помогне во деблокирањето на македонскиот евроинтегративен процес и да работи со Европската комисија и со сите партнери за да испрати јасна порака дека по имплементацијата на постојниот договор нема да има дополнителни билатерални услови, рече францускиот министер за Европа Бенжамин Хадад во ексклузивно интервју за емисијата „Надворешна – Светот во дијалог“ на МРТ, кое е негово прво обраќање за македонската јавност.
Хадад истакна дека Париз сака да внесе повеќе доверба и сигурност во целиот процес, но додаде дека Владата во Скопје носи одговорност да ги реализира преземените обврски од договорот и дека самиот договор не смее да се менува.
Според министерот, легитимно е јасно да се каже дека по спроведувањето на овие мерки преговорите треба да се отворат и земјата да продолжи по вообичаениот пат — со реформи, усогласување на законодавството, отворање кластери и затворање поглавја — без нови дополнувања и чекори надвор од редовната процедура која ја поминува секоја кандидатска земја.
Тој додаде дека таква порака мора недвосмислено да ја испратат сите 27 земји членки на Унијата.
Хадад рече дека Франција ќе соработува со Европската комисија и со партнерите за да ја изгради и пренесе таа сигурност, при што нагласи дека клучната улога е на институциите во Скопје кои треба да ги достават договорените реформи.
Фото: Фејсбук)


