Франција распоредува 70.000 полицајци и специјални единици пред саботните протести
Повеќе сили, тактички единици и затворени музеи како мерки по минатонеделните немири.

Париз и други француски градови се под засилено полициско обезбедување пред протести најавени за сабота, со цел да се спречи повторување на насилствата од минатиот викенд.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска ќе бидат распоредени 20 проценти повеќе припадници на безбедносните сили отколку на 17 октомври. Ширум Франција ќе бидат распоредени околу 70.000 полицајци, хеликоптери, оклопни возила и водени топови.
Специјални единици и рестрикции
Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, вчера ги предупреди демонстрантите дека полицијата ќе биде "апсолутно бескомпромисна кон оние што учествуваат во насилство". Тој додаде дека на социјалните мрежи има бројни повици од радикални ултралевичарски групи за насилство и вандализам.
Во сила е забраната за незаконски собири, додека организираните групи, вклучително и синдикатите, им добија понуда за алтернативни маршеви за да се заштитат трговските објекти. Во операцијата се вклучени и антитерористичката единица на француската армија Сентинел, тактичката специјална единица на националната жандармерија (GIGN) и тактичката единица на Националната полиција (RAID).
Министерството го потсети на размерот на минатонеделните немири: 2.700 лица биле приведени, илјада се појавиле пред суд, а 217 лица во забрзани судски постапки добиле затворска казна. Насилството ескалирало кога дел од демонстрантите почнале да палат, да упаѓаат во јавни објекти, да кршат излози, да крадат и да се судираат со полицијата.
Локалните власти воведоа различни рестриктивни мерки. Во Марсеј денеска нема да има јавен превоз, поради што минатиот викенд беа оштетени повеќе од 500 деловни објекти, а префектурата за регионот Рона воведе полициски час од 23:00 до 05:00 што беше на сила од синоќа до утринските часови. Слични мерки најавија Ница, Тулон, Руан и Гренобл.
Во Париз полицијата ја одобри рутата на синдикалниот марш на Генералната конфедерација на трудот (CGT) од Бастиља до Нација што почнува во 14 часот, додека рутата од Бастиља до Опера, што ја побараа "Жолтите елеци", е забранета. Исто така забранети се собири пред Елисејската палата, седиштето на премиерот и двата дома на парламентот. Поради протестите ќе бидат затворени 24 метро-станици од 09:00, а музеите Лувр, Орсеј, Пикасо и Гран пале ќе останат затворени за посетители.
Фото: прес-материјал од настанот


