Генералниот секретаријат повторно распиша тендер за AI од над 1,6 милиони евра по техничка грешка
Тендерот за опрема и лиценци за AI е повторно објавен по поништување на 9 септември поради техничка грешка.

Генералниот секретаријат на Владата повторно распиша тендер за набавка на информатичка опрема и софтверски лиценци поврзани со вештачката интелигенција, по два неуспешни обида. Тендерот, објавен на 1 октомври, е вреден над 1,6 милиони евра и треба да обезбеди опрема и лиценци за поддршка на AI системи во администрацијата.
Првиот обид за оваа набавка беше поништен на 9 септември откако во постапката, поради технички проблем, на прашање од оператор бил прикачен одговор на сосема друга постапка. Во новообјавениот тендер се наведува дека опремата треба да овозможи користење и распоредување на различни AI модели за обработка на документи, пребарување низ институционални извори на информации и подобрување на ефикасноста на административните процеси.
Заштита на податоците и on-premise опција
Од владата појаснија дека не станува збор за централизирана набавка на едно AI решение за сите институции. „Не станува збор за централизирана набавка на AI решение за сите институции. Потребата од локална инфраструктура произлегува и од природата на информациите што се обработуваат во овие системи. Затоа во техничката спецификација е предвидена можност платформата да функционира on-premise, со цел податоците да останат во контролирана средина и да не мора да се изложуваат на јавни или надворешни AI модели,“ ни одговорија од владата.
Министерот за информатичко општество Стефан Андоновски во интервју за телевизиска емисија минатата недела посочи дека за тендерот дознал од прашањата упатени во емисијата. Од Генералниот секретаријат потврдија дека набавката е наменета за потребите на системите во секретаријатот.
Само 20 дена пред поништувањето на големиот милионски тендер, во август беше поништен и друг тендер за набавка на вештачка интелигенција за Секторот за јавни набавки и Секторот за човечки ресурси, исто распишан од Генералниот секретаријат. При јавното отворање на понудите, комисијата утврдила недостаток во документацијата: „По јавното отворање на понудите, Комисијата констатираше дека во тендерската документација не бил дефиниран критериумот за избор на најповолна понуда, што претставува важен елемент за правилна евалуација и рангирање на понудите. Поради тоа, беше донесена одлука за поништување на целата постапка,“ стои во одговорот на владата и на веб-страницата на Бирото за јавни набавки.
Од владата додадоа дека во поништениот августовски тендер беа предвидени повеќе елементи, меѓу кои и визуелно препознавање на вработените преку камерите на владата. Тој тендер не е распишан повторно.
Фото: прес-материјал од настанот


