Германија ќе ги преполови работните визи за Западниот Балкан од 1 јануари 2027
Коалицискиот реформски пакет предвидува намалување на квотата и предизвикува реакции од градежните компании и јавниот сектор.

Германската влада планира од 1 јануари 2027 година да ја преполови годишната квота за работни визи за граѓаните од Западниот Балкан — од досегашните 50.000 на 25.000 — што би ја намалило можноста за работа и за македонските граѓани.
Оваа мерка е дел од 34-точковниот реформски пакет на владината коалиција CDU/CSU и SPD. Согласно досегашното „Правило за Западен Балкан“, граѓани на Северна Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово можеа да се вработат во Германија ако имаат валиден работен договор, дури и за работни места кои не бараат формална квалификација.
Градежниот сектор бара итни решенија
Централниот сојуз на германската градежна индустрија (ZDB) предупреди дека новата граница ќе предизвика акутен недостиг на работна сила во градежништвото. ЗДБ наведува дека околу 30 проценти од визите издадени преку ова правило завршуваат токму во градежниот сектор и дека индустријата може да остане без 8.000 работници уште до крајот на годината.
Од ZDB порачуваат: "Ова би бил тежок удар за градежната индустрија. Околу 30 проценти од овие визи одат токму во градежниот сектор. Секој седми работник на градилиштата во Германија има странски пасош. Владата не треба да сруши еден вака успешен модел кој функционира уште од 2016 година".
Рабододавците во Германија апелираат квотата да остане барем 50.000 годишно и да се забрза и дигитализира постапката за издавање визи во амбасадите. Побарувачката меѓу граѓаните од регионот е голема: квотата за 2025 година беше исцрпена уште во ноември, а податоците од Институтот за истражување на пазарот на трудот (IAB) покажуваат дека 98% од луѓето кои дошле преку ова правило се успешно вработени и не користат социјална помош.
Недостигот на кадар во Германија ја погодува и јавната и приватната сфера: официјалните податоци укажуваат на околу 125.500 недостиг во здравството (медицински лица, медицински сестри и негуватели), 120.000 во училиштата и градинките (наставници, професори и воспитувачи), 112.000 слободни работни места во општинска администрација, како и 92.000 недостиг во полицијата и Бундесверот.
Претседателот на dbb, Фолкер Гајер, предупреди дека поради променетата безбедносна ситуација и зголемените надзорни потреби, Германија итно мора да ги пополни овие позиции. Паралелно, трансформациите во приватниот и индустрискиот сектор — каде што фирми ги пренаменуваат линии за производство — дополнително ја менуваат побарувачката за одредени профили работници, кои често се пополнуваат и со кадар од Балканот.
Фото: Илустрација (АИ)


