Почетна
Магазин

Германија ќе ја преполови годишната квота за работници од Западен Балкан

Од 1 јануари 2027 рокот за одобренија преку „Правило за Западен Балкан“ би се намалил од 50.000 на 25.000, зголемувајќи конкуренцијата меѓу кандидатите.

·Магазин
Германија ќе ја преполови годишната квота за работници од Западен Балкан

Граѓаните на Македонија кои планираат да заминат на работа во Германија ќе се соочат со значително помал број достапни одобренија од 1 јануари 2027 година, откако е најавено преполовување на специјалната годишна квота за земјите од Западен Балкан.

Кој и како ќе биде погоден

Според предложените измени, бројот на одобренија што се издаваат преку т.н. „Правило за Западен Балкан“ би се намалил од сегашните 50.000 на 25.000 годишно, со почеток од 1 јануари 2027 година. Намалувањето се однесува на шесте земји заедно: Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

Ова правило досега им овозможуваше на граѓаните од регионите да добијат дозвола за работа врз основа на конкретна понуда или договор со германски работодавач, без задолжително формално признавање на стручни квалификации за одредени работни места. Тоа ја направи Германија попривлечна дестинација за работници од Западен Балкан.

Со преполовувањето на квотата ќе се зголеми конкуренцијата за помал број слободни одобренија, а кандидатите можат да очекуваат подолги периоди на чекање и поголема неизвесност. Особено погодени може да бидат лица без високо образование или формални квалификации, кои досега ја користеа оваа можност за влез на германскиот пазар на труд.

Мерката е дел од поширок пакет од вкупно 34 точки, договорен од владејачката коалиција на Христијанско-демократската унија и Христијанско-социјалната унија (CDU/CSU) и Социјалдемократската партија на Германија (SPD). Како причина за промените се наведува растот на невработеноста во Германија и потребата од прилагодување на политиките за странска работна сила.

Намалувањето на квотата не го затвора целосно германскиот пазар за граѓаните од Македонија — другите законски патишта за вработување остануваат отворени за оние кои ги исполнуваат условите. Сепак, бидејќи предвидените 25.000 дозволи важат за сите шест земји заедно, кандидатите треба внимателно да ги следат официјалните информации и да обезбедат договор со работодавач и потребна документација навреме.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи