Почетна
Свет

Германија ќе користи ВИ при обработка на барања за азил и визи

Берлин на 29 јули создаде правна рамка за користење на вештачка интелигенција што ќе ги помага миграциските служби при разгледувањето на барањата.

·Свет
Германија ќе користи ВИ при обработка на барања за азил и визи

Германската влада на 29 јули одобри предлог-закон кој дозволува воведување на вештачка интелигенција во обработката на барања за азил, визи и дозволи за престој, со цел да се скратат долги административни постапки и да се намали притисокот врз миграциските служби.

Новите технички решенија ќе можат да ги користат Сојузната канцеларија за миграција и бегалци, локалните служби за странци и Министерството за надворешни работи. Податоците од поднесените барања ќе служат за развој, тестирање и верификација на моделите на вештачка интелигенција што треба да ги поддржат службениците.

Како ќе функционираат системите

Системите предвидено ќе анализираат претходно завршени случаи за да утврдат на кој начин се носеле одлуките, со надеж дека ќе се усогласат практиките во различни делови на земјата и ќе се идентификуваат делови од постапката кои може да се забрзаат. Предлог-законот исто така отвора можност за автоматска проверка на информации објавени на интернет: кога ќе постои „основано сомнение“ во изјавите на апликантот, службите ќе можат да ги споредат наведените податоци со јавно достапни веб-страници и профили.

Крајната проценка според законскиот предлог останува во надлежност на човечки службеници. Вештачката интелигенција е дефинирана како помошна алатка и нема овластување самостојно да го одобрува или да го одбива барањето за азил, виза или престој.

Предлогот наиде на критики од организации за заштита на бегалците и групи за дигитални права. „Про азил“, „Каритас“ и други предупредуваат на можни грешки во податоците кои се јавни, ризик од пристрасност во алгоритмите и опасност службениците да се потпираат премногу на автоматските препораки. Во рамките на европските правила, употребата на ВИ во постапките за азил се смета за високоризична поради чувствителноста на податоците и последиците што одлуката може да ги има врз апликантот.

Предлог-законот ќе биде разгледан во Бундестагот и во Бундесратот во текот на есента.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи