Го изгубив видот, но не се откажав од велосипедот — Кристијан Лазарев возеше тандем на првата инклузивна тура во Преспа
Тандем стар 26 години, адаптивни велосипеди за изнајмување од септември и траса од над 100 км — организаторите сакаат Преспа да биде достапна за сите.

Младиот Кристијан Лазарев од Скопје, кој го изгуби видот во тинејџерските години, денеска учествуваше на првата инклузивна велосипедска тура во Преспа возејќи тандем‑велосипед стар 26 години, со придружник кој управуваше од предното седиште.
„Од мал пораснав на точак. Видот го изгубив подоцна, кон 15-та година и не возев до кај дваесетата. Потоа дознав дека постојат тандем точаци. Го набавив и во Скопје го возам најмногу со сестра ми. Исто е возењето како на стандарден велосипед само треба да се усогласите со совозачот, во исто време се трга и запира. Со постигнува брзина над 30 километри без проблем“, рече Лазарев.
Адаптивна опрема, но недостиг на пазар
Тандем‑тој е дел од адаптивната опрема која им овозможува на лицата со попреченост поголема мобилност, активен спорт и подобар квалитет на живот. Сепак, ваквите велосипеди засега не се продаваат во Македонија.
„Има неколку тандем велосипеди во Скопје, купени кој од каде ќе се снајде. Обично од странство ги носат. Има 5‑6 ентузијасти за точаци што ги возат. Проблем е и одржувањето зашто делови тешко се наоѓаат“, додава Лазарев.
Во турата учествуваа лица со и без физичка попреченост на адаптивни и стандардни велосипеди, возејќи крај Преспанското Езеро од Претор до Сливница и назад. Настанот беше во рамки на проектот „Преспански аванТУРИ“ во организација на здружението „Икуалити“ во партнерство со „Иднина на традицијата“ од Ресен.
„Ова е феноманален настан за нас. Јас сум со ограничена можност за движење, па затоа адаптивниот велосипед ми овозможува да го управувам со рацете“, рече Александар Стојановски од „Иднина на традицијата“.
Организаторите велат дека турaта ја промовира Преспа како инклузивна дестинација каде секој може еднакво да учествува во туристичкиот, спортски и културниот живот, но и дека треба да се работи на подобрување на инфраструктурата.
„Во Скопје има повеќе патеки за адаптивен велосипедизам, но по локалните и туристичките места, за жал, инфраструктурата не е доволно развиена. Би сакал да се подобри тоа во скоро време да има повеќе простор за велосипеди, еколошки транспорт, да го намалиме движењето со автомобили“, рече Гере Трипков од здружението „Икуалити“.
Од септември лицата со попреченост во Преспа ќе можат да изнајмат адаптивни велосипеди од различни видови. „Секој велосипед има батерија, мотор, односно погон кој не поддржува при возењето и дозволува уште полесно да уживаме во убавините на околината, а да имаме активен живот. Наемот ќе биде по многу конкуретни цени, 1.500 денари со помала и од 2.000 до 2.500 денари за велосипеди со поголема опрема“, рече Трипков.
Турата е дел од проектот „Магијата на Преспа“ од програмата „ЕУзаПреспа“, поддржана од Делегацијата на Европската Унија и реализирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
„Денес ја отвораме вратата на Преспа за велосипедски тури пристапи за сите и за лицата со попреченост. Сакаме Преспа да стане дестинација во која ќе уживаат сите и никој нема да биде изоставен“, рече Маријана Милевска, проектна менаџерка во УНДП.
Во следните неколку месеци УНДП ќе работи на трасирање земјена велосипедска патека од над 100 километри крај Преспанското Езеро која ќе ги поврзе Коњско со Долно Дупени, вклучувајќи и делница наменета за адаптивен велосипедизам. Со новата патека и адаптивните велосипеди, Преспа треба да стане дестинација каде природата и туристичките содржини ќе бидат достапни за сите, без разлика на физичките можности.
Фото: СДК.МК)