Град Скопје со камери ќе лови загадувачи, а граѓани ќе пријавуваат преку апликација
Видео надзор за лоцирање загадувачи, платформа за пријави од граѓаните и реорганизација на Дрисла.

Градот Скопје најави нов сет мерки за справување со незаконско фрлање отпад и уништување на урбаната опрема, меѓу кои е и поставување видео надзор на критичните локации и воведување апликација за пријави од граѓани.
Камери, апликација и реорганизација на Дрисла
Според најавите, планирано е да се постават повеќе од 200 камери на места каде се појавуваат диви депонии и каде парковите и урбаната опрема се често изложени на оштетување. За да може видеонадзорот да се користи, потребно е одобрение од Агенцијата за заштита на личните податоци.
„Повеќе од 200 камери ќе поставиме на критичните места низ градот. Тоа досега не било направено. Тука ќе бидат опфатени критични точки како места на кои се создаваат депонии, во парковите кои се постојано на удар“, рече Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на град Скопје.
Во рамки на мерките беше презентирана и платформата „Еко Скопје“, креирана од 30 млади активисти. Со неа граѓаните ќе можат анонимно да пријавуваат преполни контејнери, диви депонии и непријатна миризба, а пријавите ќе стигнуваат директно до надлежните служби.
„На самата апликација вие веднаш ќе можете да пријавите и да бидете сигурни дека пријавата ќе стигне на правилното место. Нема да има потреба да се препраќа или одовлекува целата таа постапка. Службите веднаш ќе имаат увид и ќе можат да постапат“, рече Андреј Божиновски платформата Еко Скопје 2
Од градот истакнуваат дека видео надзорот се користи и во други земји за откривање на случаи на незаконско фрлање отпад (посочени се Индија и Ирска), додека во Србија и Црна Гора надлежните комунални служби редовно вршат теренски контроли.
Во обраќањето беше најавена и реорганизација на депонијата „Дрисла“, со цел таа да се развие во современ центар за управување со отпад и рециклирање.
Текст: Тамара Марковска
Фото: прес-материјал од настанот


