Грчката амбасада реагира до МНР поради транспарент со карта на „Обединета Македонија“ на мечот МЗТ Скопје – Ираклис
Реакцијата следува откако навивачи на натпреварот во Јане Сандански го истакнаа транспарентот со 16‑крако сонце и карта што ги опфаќа делови од Грција.

Грчката амбасада официјално реагираше до Министерството за надворешни работи поради транспарент истакнат на натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Ираклис (Солун), на кој беше прикажана карта на т.н. „Обединета Македонија“ што ги опфаќа и делови од денешна Грција.
Натпреварот, кој во вторникот се одигра во СЦ „Јане Сандански“ во рамки на Европскиот куп на ФИБА, беше проследен со транспарент на кој стоеше пораката „Името твое свето ќе го браниме пред светот“, заедно со знаме со шеснаесеткрако сонце и карта на која, покрај делови од Грција, се прикажани и површини од Србија, Албанија и Бугарија.
Амбасадата: содржината не е во согласност со Преспанскиот договор
Во реакцијата испратена до македонските власти, грчката Амбасада наведува дека го покрена прашањето за истакнатиот транспарент и дека „Посочивме дека содржината и симболиката на транспарентот не се во согласност со обврските и духот на Преспанскиот договор“. Амбасадата, како што стои во пораката, го истакнала и фактот дека транспарентот бил истакнат во присуство на министерот за спорт на Северна Македонија.
Според објавите во грчките медиуми, управата на Ираклис реагирала уште пред почетокот на натпреварот, но транспарентот останал на трибините за време на целата средба. Грчкиот клуб ја известил Амбасадата во Скопје и поднел официјална жалба до Меѓународната кошаркарска федерација.
Ираклис најави дека ќе поднесе дополнителна жалба до ФИБА, проследена со сите информации за инцидентот и ќе бара да бидат преземени соодветни мерки. Од МЗТ Скопје засега нема јавно соопштение по прашањето.
Фото: МЗТ Скопје


