Грчките пожарникари бараат трајни договори, протест во Атина
Стотици пожарникари алармираат дека сезонските договори и новата старосна граница може да ги остават искусните кадри без работа.

Атина — Стотици пожарникари се собраа на 31 август пред грчкиот парламент барајќи трајни вработувања и протестирајќи против сезонските договори кои ги оставаат без работа во зимските месеци.
Околу 9.000 пожарникари учествуваат во гаснењето пожари во Грција, а приближно една четвртина од нив имаат исклучиво сезонски договори — работат осум месеци годишно, а договрите им престануваат штом помине опасноста од пожари. Протестите, велат учесниците, ја илустрираат неизвесноста со која се соочуваат овие екипи.
Синдикалците предупредуваат на губење на искуството
45-годишниот синдикален лидер Јоргос Целепис, кој повика на маршот, рече дека пожарникарите се третираат како херои во лето, а по завршувањето на сезоната се отфрлени. „Нѐ цедат како лимон, а потоа стануваме бескорисни за нив. Додека им требаме, ние сме херои“, вели Целепис.
Неколку учесници опишаа и колку ваквиот работен статус им нанесува психолошки и практичен товар. Пожарникарката Георгиа рече: „Секоја година сум под стрес дали повторно ќе ме вработат. Тоа психички ме исцрпува.“ Нејзиниот колега Дросос додаде: „Проблемот е што, доколку се повредиме, постои голема веројатност следната година повторно да не нѐ вработат.“ За овие случаи, според нив, нема законска заштита.
Синдикатите тврдат дека пожарникарите би можеле да бидат ангажирани и надвор од периодот на пожари за превентивни работи, на пример за контролиран пожар за создавање заштитни појаси. „Три месеци добиваме надоместок за невработеност од 600 евра нето, а четвртиот месец не добиваме апсолутно ништо“, објаснува Целепис.
Напнатоста дополнително порасна откако владата најави дека ќе вработи голем број нови пожарникари, но со максимална пријавна возраст од 30 години — мерка која автоматски ги исклучува многу сезонски работници, вклучително и Целепис. Поддршка дојде и од дел од постојано вработените пожарникари, меѓу кои е и Акис Бардакис, претседател на Панхеленското здружение на пожарникари и шумски командоси. „Млад кандидат од 20 или 21 година е физички подготвен, и тоа е добро, но во исто време е целосно неискусен“, нагласува Бардакис. „Не смееме да заборавиме дека искуството во гаснење пожари не се стекнува со теоретска настава во училница.“
Одредени владини претставници ја презедоа листата со барања од демонстрантите, но до понеделник немаше официјално соопштение. Дали протестите ќе донесат промени засега останува неизвесно, но многумина укажуваат дека државата не може долго да ги игнорира екипите чија работа е клучна со оглед на зачестените шумски пожари.
Фото: прес-материјал од настанот


