Полицијата на нозе пред масовни студентски протести во Атина
Студенти и средношколци најавуваат собири и 24-часовен штрајк; полицијата ги мобилизира капацитетите.

Студентските здруженија и ученичките организации најавија масовни протести во центарот на Атина денеска и утре, додека грчката полиција ги зголемува своите безбедносни мерки за да се справи со сите можни ситуации.
Кога и што се најавува
Главните барања на младите се насочени против зголемените трошоци за студирање и за зачувување на јавното и бесплатното образование. Денешните активности почнуваат во 18:00 часот со собир на студентските здруженија на плоштадот Синтагма, каде што е планиран протестен камп со шатори и концерт.
Утре, среда, е најавен 24-часовен национален штрајк во кој ќе учествува и синдикатот на наставниците во средните училишта, со протестни собири планирани во Атина, Солун и Патра.
Учениците и средношколците ќе излезат на улица по повикот од платформи поврзани со Комунистичката младина и Комунистичката партија на Грција (ККЕ). Собирот е закажан за 12:00 на плоштадот Проплаја, од каде што ќе започне марш кон Синтагма под слоганот: „Од Грција до Франција, се бориме за јавно и бесплатно образование”.
Поради најавените собири, полицијата ги мобилизира сите достапни безбедносни капацитети, со цел да спречи евентуални инциденти и да ги обезбеди маршот и собирите.
„Со секое такво собирање, се подготвуваме дури и за најлошите сценарија, односно за можноста да се појават групи луѓе кои ќе се обидат да ги разбијат собирите и да предизвикаат проблеми за демонстрантите и полицијата“, изјави утрово портпаролката на грчката полиција Констанција Димоглиду.
Фото: прес-материјал од настанот


