Груби понуди три стана како гаранција за да му биде вратен пасошот
Кривичниот суд чека мислење од обвинителството пред да одлучи дали поранешниот вицепремиер може да патува во странство.

Три стана сопственост на Груби и членови на неговото семејство се понудени како гаранција во износ од 330.000 евра, со цел екс-вицепремиерот да му биде вратен пасошот, изјави судот.
Кривичниот суд ја чека проценката на обвинителството пред да одлучи дали нему ќе му биде дозволено да патува во странство.
„Тоа не можам да ви одговорам зошто му треба пасошот. На секој граѓанин за слободно движење му треба пасош. Гаранцијата е инаку, појака мерка од мерка на претпазливост, одземање на патна исправа. По сила на Закон, куќниот притвор му истекува на 13-ти. Легитимно право е на обвинетиот, преку одбраната што поднесе такво нешто“, рече Гоце Ристевски, адвокат на Груби.
Рокови и сведочења
За делото за кое е обвинет, куќен притвор може да трае најмногу два месеца. Тој законски рок, според судот, истекува следната недела.
Во судницата Груби му постави прашања на сведокот Александар Андонов од Државна лотарија, кој бил член на комисијата што ја спровела јавната набавка на ВЛТ апаратите. Едно од прашањата беше во насока дека постапката за видеолотариските терминали била започната претходно, а документите биле разгледувани четири месеци порано, во период кога тој не претседавал со владината седница. Андонов одговори дека не му е познато што се случувало во владата.
Андонов детално ја објасни процедурата за јавната набавка и посочи дека ВЛТ апаратите и денес се наоѓаат во магацините на Државна лотарија и не се ставени во употреба. Од надлежниот сектор биле доставени барања до УЈП и Министерството за финансии за добивање соодветни решенија, но Андонов не можеше да каже какви одлуки биле донесени, ниту зошто апаратите не се ставени во употреба.
Андонов беше втор сведок на обвинителството, но одбраната немаше забелешки за неговото сведочење. Првиот сведок, поранешен директор во Лотарија, за време на судењето доби статус неријателски сведок поради разлики меѓу неговиот исказ во истрагата и сведочењето во судница. Обвинителите најавија дека на следното рочиште ќе дадат изјави за ова и други прашања.
Фото: Stefan Didam - Schmallenberg / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)


