Хрватски младоженци бараат непознати кумови преку Reddit — без пријатели и роднини
Парот, 36 и 40 години, бара друга двојка да им биде сведок во матичната служба, избегнувајќи голема свадбена прослава.

Млада двојка од Хрватска предизвика внимание откако на платформата Reddit објави оглас во кој бара непознати луѓе да им бидат кумови на венчавката, затоа што сакаат да стапат во брак без традиционална свадба и без присуство на пријатели и роднини.
Партнерите, на возраст од 36 и 40 години, побараа уште една двојка со слични желби за да меѓусебно си ги разменат улогите на сведоци при кратка церемонија во матичната служба.
Практичен пристап и флексибилност
Како што појаснија, целта им е бракот да се официјализира исклучиво во матичната служба, без голема организација и без претворање на настанот во свеченост со десетици гости. Идејата е едноставна: двете двојки да им служат едни на други како кумови, да си честитаат, да испијат по еден пијалак и потоа секој да продолжи по својот пат.
Во однос на датумот и местото, двојката истакна дека е флексибилна, но дека најмногу би им одговарало подрачјето на Загреб.
Објавата на Reddit брзо предизвика бран реакции — дел од корисниците ја поздравија идејата како практична и прагматична, а други изразија зачуденост од одлуката целосно да ги исклучат блиските луѓе.
Кога беа запрашани дали тоа значи дека имаат проблеми со друштвото или немаат пријатели, двојката одговори: "Не е работата во пријателите. Сакаме нешто што е само наше, а за тоа не ни се потребни ниту пријателите, ниту роднините." Во коментарите се јавија заинтересирани кандидати — една двојка од Загреб изрази подготвеност да организираат заеднички венчавки, а една корисничка низ шега напиша дека бракот ќе им донесе и пет слободни денови од работа, бидејќи и така живеат како да се во брак.
Двојката што го објави огласот ги пречека понудите со задоволство и остави отворена можност наскоро да ги реализира своите несекојдневни свадбени планови.
Фото: прес-материјал од настанот


