Почетна
Политика

И на обвинетиот во „Пулс“, Шабан Салиу, му најдоа нова фотелја

По смената од министер без ресор, Салиу на 22 јули објави на Фејсбук дека Владата го именувала за национален координатор за Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030.

·Политика
И на обвинетиот во „Пулс“, Шабан Салиу, му најдоа нова фотелја

Премиерот Христијан Мицкоски и неговата Влада му најдоа нова позиција на Шабан Салиу, иако тој е меѓу обвинетите во големиот предмет за кочанската трагедија во дискотеката „Пулс“. Набрзо по смената од функцијата министер без ресор, Салиу на својот Фејсбук-профил на 22 јули објави дека Владата го именувала за Национален координатор за следење на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030.

– Со голема чест и чувство на одговорност ве информирам дека Владата на Република Северна Македонија предводена од претседателот проф. д-р Христијан Мицкоски, на вчерашната 195-та седница, ме назначи за Национален координатор за следење на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030. Продолжуваме со координација на Националното координативно тело за следење на имплементацијата на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, и со борбата за подобро образование, поквалитетно здравство, поголема вработеност, подобри услови за живот и еднакви шанси за секој граѓанин. Само преку заедничка работа, дијалог и конкретни резултати можеме да изградиме поинклузивно и поправедно општество. Ова назначување за мене претставува уште поголема обврска да продолжам посветено да работам за унапредување на правата, еднаквите можности и целосната инклузија на ромската заедница во сите сфери на општеството. Им благодарам на Владата за укажаната доверба. Ќе ја оправдам со чесна, одговорна и транспарентна работа, секогаш во интерес на Ромите. Заедно продолжуваме напред! – се вели во неговата објава на Фејсбук.

Обвиненијата и судските докази

Шабан Салиу е на обвинителна клупа во големиот предмет за кочанската трагедија. Тој е еден од поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување, која ја водеше од 2012 до 2017 година; според досегашните наоди, Дирекцијата не извршила ниту една инспекција во дивоизградената дискотека.

Салиу не е правосилно осуден. Кога во судницата беа презентирани планови за квартални инспекциски контроли, годишни програми и службени документи на Дирекцијата за заштита и спасување потпишани со негово име, тој тврдел дека потписот не е негов.

Националните координатори се платени од државниот буџет: јавно објавените податоци за овие позиции покажуваат дека месечните примања се движат од околу 100.000 до 125.000 денари, во зависност од утврдениот коефициент и стажот. Назначувањето на Салиу доаѓа во контекст на владината реконструкција: Собранието разреши осум министри, а Стоилковиќ доби најмногу гласови за да биде разрешен. По реконструкцијата, поранешниот министер за култура Зоран Љутков доби нова функција, а поранешниот вицепремиер Арбен Фетаи стана специјален пратеник за Европската Унија.

Премиерот Мицкоски во едно ТВ интервју го спомена токму примерот со Салиу кога беше прашан дали Обвинителството има слобода да гони актуелни функционери, додавајќи дека Салиу како актуелен член на Владата отишол во притвор.

Фото: Фејсбук

Поврзани написи