Игри на среќа ќе приредуваат само оние со репутација и проверени пари
Правилникот бара апликантите за лиценца да ја потврдат репутацијата и потеклото на средствата, и ги уредува контролите и постапките при промени во сопственоста и управувањето.

Министерството за финансии донесе нов Правилник за утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата за приредување игри на среќа, како спроведувачка мерка од новиот Закон за игрите на среќа.
„Со овој подзаконски акт детално се пропишува потребната документација за потврдување на репутацијата на сите правни и физички лица кои поднесуваат барање за лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип“, велат од Министерството.
Апликантите се должни да достават документи кои докажуваат исполнување на условите за репутација, меѓу кои и податоци за изречени санкции за забрана за вршење професија, дека не им е изречена казна за забрана за приредување на игри на среќа и други околности што се значајни за нивното учество во приредувањето игри.
Строга контрола на потеклото на средствата
„Преку банкарски извештаи, договори и финансиски биланси, Министерството за финансии ќе проверува дали постои непрекинат траг на движењето на паричните средства од нивниот извор до уплатата во друштвото. Дополнително, се уредуваат и постапките за промена на сопственичката структура, промена на главнината и именувањето членови во органите на управување и надзор“, велат од Министерството.
Како новина предвидена во Законот, оценувањето на репутацијата ќе се однесува и на содружниците и соработниците на друштвата кои поседуваат лиценца, како и на членовите на органите на управување и надзор на трговско друштво за приредување игри на среќа во кое државата е единствен акционер. Ова се нагласува како важна мерка во борбата против перењето пари и финансирањето на тероризмот.
Новиот Закон за игри на среќа беше донесен во јуни оваа година, а како цел е наведено воспоставување современа, појасна и поефикасна законска рамка за регулирање на оваа област.
Фото: прес-материјал од настанот