Инспекцијата не најде пропусти во Центарот за социјална работа во Гевгелија по смртта на 17-годишната Билјана Кириќ
Министерството за труд и социјална политика соопшти дека Центарот постапувал во рамките на законските надлежности; јавноста бара дополнителни одговори.

Вонредниот инспекциски надзор во Центарот за социјална работа во Гевгелија не утврдил пропусти во постапувањето на институцијата во случајот со седумнаесетгодишната Билјана Кириќ од Богданци, соопшти Министерството за труд и социјална политика. Надзорот беше спроведен по смртта на малолетната девојка.
Надзорот и преземените мерки
Од Министерството наведуваат дека Центарот на 2 октомври добил известување од МВР за настан што се случил на 30 септември. Истиот ден бил контактиран таткото на девојчето, а средбата во Центарот била договорена за 5 октомври. На средбата биле земени изјави на записник од таткото и од Билјана, а таткото дал согласност за понатамошни постапки за нејзина заштита.
Наредниот ден бил повикан и 21 годишниот Виктор и му биле укажани последиците од вршењето насилство. По проценката на ризикот, Центарот веднаш доставил барање до надлежниот суд за изрекување привремени мерки за заштита. Се барала "забрана за закани, малтретирање, вознемирување и контактирање со девојчето, како и забрана за приближување на растојание помало од 100 метри," велат од Министерството за труд и социјална политика.
На 16 октомври судот донел решение со кое биле изречени бараните мерки во траење од шест месеци. Од Министерството за труд и од МВР информираа дека по изрекувањето на мерките немало пријава за нивно прекршување.
Меѓутоа, заклучокот од инспекцискиот надзор не ги смирува реакциите во јавноста. По протестите во Богданци, а потоа и во Скопје, граѓаните продолжуваат да бараат целосно расветлување на случајот, утврдување на евентуални институционални пропусти и одговорност.
Се очекуваат и резултатите од обдукцијата, кои треба да дадат дополнителни одговори за причините и околностите под кои почина седумнаесетгодишната Билјана Кириќ.
Фото: прес-материјал од настанот


